Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека секој предлог за европска интеграција на Република Северна Македонија, кој отстапува од рамковниот став на Бугарија од 2019 година, ќе биде испратен на мислење до Комисијата за надворешна политика на Националното собрание. Ваквата одлука Владата ќе ja гласа на денешната седница.
Одлуката ќе ги обврзе претставниците на Бугарија во Комитетот на постојани претставници и Советот за општи работи да не одобруваат каква било одлука за Северна Македонија што отстапува од рамковната позиција на државата без експлицитна согласност од Националното собрание.
Бугарски БГНЕС вчера објави дека бугарскиот премиер има намера целосно да го изолира Министерството за надворешни работи (МНР) во обидите да го укине ветото за почеток на преговорите за членство на РС Македонија цитирајќи делови од нацрт-предлогот, кој самиот Петков ќе го поднесе на првата можна седница на владата.
„Секоја одлука на француското претседателство со ЕУ, земја членка или Европската комисија во врска со одобрувањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ на PCM и Албанија, донесена во подготовка или одржување на состаноци на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР) или до Советот за општи работи, кој отстапува од Рамковниот став на Советот на министри од 2019 година веднаш да биде испратен до Комисијата за надворешна политика на Националното собрание“, пишува БГНЕС.
Утрово пратениците го прифатија барањето на партијата „Има таков народ“ како прва точка да се сослуша министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за процесот на пристапување на РС Македонија и тоа да биде на затворена седница.
Претседателот на Собранието Никола Минчев им нареди на лицата од надвор да ја напуштат салата и да се прекине преносот во живо, вклучително и на вебстраницата на Народното собрание.