Посетата на Бејрут на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис закажана за денеска е одложена поради дефект на владиниот авион и ќе се одржи во следните денови, јави дописничката од Атина.
Од кабинетот на Мицотакис информираа дека согласно известувањето од Генералштабот на воздухопловството, владиниот авион има техничка дефект и не е изводливо да се спроведе планираното патување на премиерот во Либан и додадоа дека посетата се одложува за следните денови.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, соопшти дека Мицотакис ќе го посети Бејрут и ќе се сретне со премиерот на Либан Наџиб Микати и претседателот на либанскиот Парламент Набих Бери.
– Посетата има висока симболика и значење, бидејќи Кирјакос Мицотакис е првиот лидер на трета земја и членка на Европската унија што ќе го посети Бејрут по договорот за прекин на огнот и испраќа порака за стабилност и мир, како и порака за силната улога и присуство на Грција во регионот, рече вчера Маринакис.
Додаде дека на средбите со премиерот и со претседателот на парламентот, се очекува Мицотакис „да ја повтори подготвеноста на Грција да помогне во зајакнувањето на државните структури на Либан, меѓу кои и вооружените сили кои играат клучна улога, во спроведувањето на примирјето“.