петок, октомври 11, 2024
19.8 C
Skopje

Пресврт – ХДЗ се врати како победник, по поразот кој го доживеа на претседателските избори (ВИДЕО)

Владејачката ХДЗ на актуелниот премиер Андреј Пленковиќ е победник на вчерашните парламентарни избори во Храватска. Државната изборна комисија соопшти дека ХДЗ и Пленковиќ освоиле дури 68 мандати, во 155-члениот Хрватски сабор, наспроти Социјалдемократите на Давор Бернардиќ кои доживеаjа пораз и освоија 41 пратеничко место во новиот состав на Хрватскиот Сабор. Овој резултат го изненади и самиот Пленковиќ кој откако ги дозна резултатите еуфорично и се обрати на нација порачувајки и дека во периодот што следи, новата влада ќе мора да спроведе клучни реформи во сите сегменти од политичкото и социјалното живеење.

Она што беше забележано за време на неговото обраќање е музиката која беше пуштена за време на славењето на членовите на ХДЗ. Беше избрана песната „Eye of the Tiger“ од култниот филм „Роки“, која стана синоним за борбата и пресвртот, од извесен пораз, во целосна победа. Токму оваа песна и ова алудирање, практично и го покажа расположението и атмосферата во таборот на ХДЗ,. Имено, ниту една од анкетите ниту пак проценките на партиските изборни штабови не предвидуваше ваков исход на изборниот резултат. Особено откако ХДЗ и нејзиниот кандидат за претседател Колинда Грабар Китаровиќ на неодамнешните избори доживеа пораз од лутиот политички ривал СДП, чиј тогашен лидер Зоран Милановиќ победи и стана новиот претседател на Хрватска. Вчерашниот изборен резултат покажа дека Хрватите на престедателските избори во јануари годинава, практично гласале против кандидатот Колинда Грабар Китаровиќ а не против политиката на ХДЗ, како што стравуваа челниците на оваа партија.

Откако беа соопштени резултатите од гласањето, лидерот на поразената СДП Давор Бернардиќ му ја честиташе победата на Пленковиќ, притоа најавувајќи оставка од лидерската позиција на партијата. Бернардиќ, според анализите го доживеа поразот поради неумерените и неприлагодени изјави кои ги даваше за време на кампањата. Се смета и дека малку познатиот и анонимен Бернардиќ не успеа да се наметне на позицијата лидер на СДП, по повлекувањето на неговиот претходник на оваа функција и актуелен престедател на Хрватска Зоран Милановиќ.

Она што доаѓа како малку очекуван епилог од вчерашните избори е и успехот на Татковинската партија на Мирослав Шкоро која освои 16 мандати и да влезе во Хрватскиот Сабор. Партијата на Шкоро, која е подржана од разочараните симпатизери на ХДЗ, и е со малку по екстремна десничарска реторика, на неодамнешните претседателски избори беше трето пласирана партија и освои само неколку проценти помалку гласови од ХДЗ. Успехот на партијата на Шкоро е што влегува во саборот, со што и се отвара и можноста да влезе во коалиција со ХДЗ за формирање на новата влада.

Како и на изборите во Србија кои се одржаа пред две недели, и на вчерашните избори во Хрватска беше забележан понизок степен на излезност, но сличен на излезноста на претходните избори.

Гласањето сепак се одвиваше во услови на пандемијата на корона, па оттаму и оценката дека вчерашните избори во Хрватска поминале успешно. Српскиот претседател Александар Вучиќ му ја честиташе победата на Пленковиќ, за разлика од хрватскиот премиер кој пред две недели не го честиташе реизборот на Вучиќ на претседателската функција. Сето ова само ја укажува комплексноста на односите меѓу државите во регионот, што ќе биде едно од приоритетите на работењето на новата хрватска влада.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови