Албанскиот премиерот Еди Рама в четврток ќе престојува во Будимпешта, Унгарија на покана на неговиот колега Виктор Орбан.
– Орбан го покани премиерот Рама да учествува на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, заедно со над 50 други европски лидери. Во центарот на овој Самит, Орбан ја стави борбата против илегалната имиграција, објави Албанската новинска агенција (АТА).
Според АТА, Орбан јавно го поддржал договорот Рама-Мелони за кампови за баратели на азил во Албанија и оценил дека без формирање кампови за управување со барањата за азил надвор од ЕУ, не може да се запре илегалната имиграција.
– Конфликтите и нестабилноста се во пораст во Африка. Нерегуларната имиграција и нејзината инструментализација претставува дополнителен предизвик за Европа. Ќе разговараме за безбедносните предизвици, по што ќе следат четири клучни сесии за имиграцијата и економската безбедност. Седницата за имиграцијата ќе ги вклучи сите аспекти во борбата против неа, се наведува во поканата на Орбан до премиерот Рама.
Унгарија ќе претседава со ЕУ до крајот на декември. Оваа земја одигра одлучувачка улога во одржувањето на Втората меѓувладина конференција со Албанија на 15 октомври, која го означи и вистинското отворање на испитувањето на првите поглавја од преговорите.
Албанија има консолидирани односи со Унгарија. Во 2021 година, премиерот Рама беше во официјална посета на Будимпешта. Две години подоцна Орбан ја посети Тирана, каде беа потпишани неколку договори, а Рама во посета на Будимпешта беше на 12 минатиот месец.