Лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис побарал од претседателот на пратеничка група Сократис Фамелос, штом се отвори Парламентот, одново да биде доставен нивниот предлог-закон за истополовите бракови, јави дописничката од Атина.
Каселакис на социјалните мрежи утрово објави дека од Фамелос побарал доставување на законот, бидејќи како што напиша, „по вчерашната одлука на премиерот да го одложи неговиот предлог-закон“, ова е неговата единствена опција.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, синоќа, по заклетвата на новите министри, во разговор со новинарите за тоа кога ќе биде доставен законот за еднополовите бракови рекол дека прво треба да објаснат што планираат, а потоа ќе говорат за временски рок.
По ова, Каселакис најави доставување на нивниот закон и паралелно побара од Мицотакис да се изјасни дали поддржува брачна еднаквост.
-Господине Мицотакис, правите да се чувствуваме како граѓани од втор ред. Кога еден човек е жеден за еднаквост и инклузија, не му велиш „чекај да објаснам“, како што изјавивте вчера. Нема што да му се „објасни“ на народот во врска со бракот за сите. Исто како што немаше што да им објаснат на општества лидерите кои во нивното време го укинаа ропството, ги воведоа правото на глас на жените, родовата еднаквост, граѓанскиот брак, граѓанското партнерство. Општествата никогаш не се подготвени, ако нивните лидери не се подготвени. Вие не можете, можеме ние. Вие се плашите, ние не, напиша на социјалните мрежи лидерот на СИРИЗА