Електричното поврзување Грција – Кипар е од голема важност и од заеднички интерес за Европската Унија, која делумно го финансираше проектот, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис одговарајќи на пратеничко прашање, додека пак во Никозија, кипарскиот претседател Никос Христодулидис за денеска свика состанок за конкретниот проект, јави дописничката од Атина.
Проектот „Great Sea interconnector“ во висина од околу два милијарди евра предвидува поврзување на Кипар со Европа преку Грција, а електричниот кабел да се прошири и до Израел со ќе биде најдолгиот подморски кабел во светот во вкупна должина 1.208 километри.
За денешниот состанок што Христодулидис го свика во Претседателската палата, кипарските медиуми коментираат дека е од клучно значење за проектот, а позитивниот исход ќе донесе укинување на енергетската изолација на Кипар, ќе стави крај на загриженоста што секоја година се изразува за капацитетите за снабдување на пазарот со електрична енергија, а се очекува и да ги избалансира високите тарифи за струја.
Никозија, според истите информации изразува загриженост и за економскиот и за геополитичкиот ризик.
Од друга страна, Атина акцентот го става на важноста проектот да биде економски одржлив, а министерот за надворешни работи на Грција од Парламентот посочи дека намерата на грчката влада е да продолжи и да заврши проектот, но и дека сметаат дека „продолжувањето на проектот не може да биде спречен од никаков геополитички ризик“.
-Електричната интерконекција Грција-Кипар е проект што е од голема важност, бидејќи ја отстранува енергетската изолација на Кипар, бидејќи всушност ќе донесе многу големо олеснување на кипарските граѓани во однос на цените на струјата. Ова е јасно за сите. Според нас, не постои и сметаме дека нема да има проблем во однос на она што се нарекува геополитички ризик. Сакам да бидам јасен. Истражувањето, како и поставувањето на електричен кабел, се дозволени и апсолутно гарантирани со меѓународното право, истакна Герапетритис
На крајот на јули годинава имаше мини тензија во Егејското море откако Турција испрати воени бродови вон грчките територијални води кај островот Касос, поради истражувањата на италијанскиот брод „Ievoli Relume“ за поставување на подводниот кабел за електрична интерконекција меѓу Крит и Кипар, по што Грција одговори со распоредување на бродови од воената морнарица и крајбрежната служба.