Шпанија го поддржува пристапувањето на Србија во Европската унија, а во однос на Косово, верува во потребата од почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, изјави во Белград шпанскиот премиер Педро Санчез.
Србија има пријател во Шпанија кој ќе и помогне да стане дел од Европската унија, изјави Санчез по разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Социјалистот Санчез ја започна својата балканска турнеја во Белград и е првиот премиер на Шпанија кој ќе ги посети Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, каде од 1997 до 1999 година беше шеф на канцеларијата на високиот претставник на ОН, Карлос Вестендорп.
„Го поддржуваме процесот на проширување на Европската унија бидејќи Западен Балкан е дел од Европа и треба да стане дел од нашата заедница. Не се сомневајте дека Шпанија ќе го поддржи вашето членство во Унијата“, рече Санчез на заедничката прес-конференција со Вучиќ.
Тој посочи дека Србија и Шпанија ги поврзува „потребата да се почитува меѓународното право и територијалниот интегритет и суверенитет“.
„Ја поддржуваме Србија кога станува збор за Косово. Шпанија беше и секогаш ќе биде со Србија во одбрана на тие принципи“, рече Санчез.
Шпанија е една од петте членки на Европската унија која не ја признава независноста на Косово и самата е соочена со напори за независност на својата покраина Каталонија. Од 30 јуни 2023 година Мадрид го презема шестмесечното претседавање со Европската унија, а како што соопшти кабинетот на Санчез, тој ќе побара од земјите од Западен Балкан на турнејата да ги спроведат реформите што ги бара Брисел.
По дводневната посета на Србија, Санчез ќе отпатува за Босна и Херцеговина.