вторник, јануари 14, 2025
0.8 C
Skopje

Ѓукановиќ: „Отворен Балкан“ води кон исчезнување на РСМ, БиХ, Црна Гора и Косово

Иницијативата „Отворен Балкан“, во чии рамки меѓувладини групи и стопанските комори на три земјите членки (РСМ, Србија и Албанија) одржаа нова средба во Тирана, сѐ уште ја нема поддршката од сите земји и политичари од западнобалканската шесторка. Последната средба беше фокусирана на менаџирање и брза реакција при катастрофи и несреќи, недостиг на храна и при енергетска криза – прашања кои се исклучително важни во актуелниот и претстојниот период во регионот. И при такви ургентни околности, некои политичари јавно ја оценуваат идејата за соработка во „Отворен Балкан“ како спорна, наспроти единствениот исправен пат – интеграција во ЕУ.

Приврзаник на вакво мислење е црногoрскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој не се согласува со позитивниот став на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ кон „Отворен Балкан“. Абазовиќ, кој во својство на гостин во јуни присуствуваше на самитот на оваа инцијатива во Охрид, рече дека „во неа гледа и како на шанса за зајакнување на добрососедските односи, нешто со што претходно земјите од Западен Балкан не можеа да се пофалат“.

Но, Ѓукановиќ иницијативата ја смета за „многу контраверзна“.

„Станува збор за алтернативно сценарио за иднината на Западен Балкан надвор од ЕУ. Што не ни треба. Ни треба членство во ЕУ. Тие што не го гледаат нашиот регион во Европа, не ја гледаат ни мултиетничката демократија на Балканот. Ним им се допаѓа идејата за промена на границите, етничка и верска хомогенизација во рамки на проширените држави. Како и обично, се тргнува традиционално од српска страна, овојпат со ‘српскиот свет’. А продолжува, по автоматизам, со исти такви великодржавни лудории“, оценува Ѓукановиќ во интервју за војводинскиот портал „Автономија“.

Запрашан – знаеме ли како завршува тоа, Ѓукановиќ оди и чекор понатаму.

„Секако. Би требало да заврши со исчезнување на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија. Но, сигурно е дека би завршило со војна и со уште некој геноцид“, изјави црногорскиот претседател.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови