Исхраната со малку јаглехидрати, како што е кето диетата, станува сѐ попопуларна во последните години, но многу стручњаци се прашуваат дали здравствените ефекти од ваквиот рестриктивен начин на исхрана би можеле да имаат негативни последици, пишува „Е-клиника“.
Заклучоци од истражување на канадски научници
Истражувачи од Универзитетот во Торонто, Канада, неодамна спроведоа студија со цел да испитаат како исхраната со малку јаглехидрати влијае врз бактериите поврзани со колоректален карцином.
Во своето истражување, објавено во списанието „Нејчр микробиолоџи“, научниците користеле глувци и ги набљудувале додека се хранеле со исхрана со малку јаглехидрати, нормална исхрана и западен тип на исхрана, во комбинација со различни соеви бактерии. Фокусот бил на тоа дали ваквите начини на исхрана влијаат на одредени бактерии и како тоа може да придонесе за развој на рак на дебелото црево.
Резултатите од нивната студија покажале дека врз видот ешерихија коли негативно влијаат диетите со малку јаглехидрати. Научниците откриле дека ваквата исхрана го зголемува развојот на полипи, а некои од нив имаат потенцијал да се развијат во колоректален карцином.
Како одредени бактерии можат да доведат до рак
Ракот на дебело црево, кој се јавува во дебелото црево и ректумот, е еден од најчесто дијагностицираните карциноми. Иако не постои сигурен начин за превенција, постојат неколку мерки што можат да го намалат ризикот:
Престанок со пушење
Ограничување на внесот на алкохол
Консумирање на храна богата со зеленчук, овошје и цели житарки
Ограничување на преработена храна и црвено месо
Со оглед на тоа што научниците се сомневаат дека изборот на исхрана може да е поврзан со развојот на рак на дебело црево, оваа студија имала за цел да утврди дали постои врска меѓу одредени типови исхрана во комбинација со одредени видови бактерии.
Се фокусирале на три бактерии: бактероиди фрагилис, хеликобактер хепатикус и ешерихија коли, со кои биле колонизирани глувците.
„Овие микроорганизми предизвикуваат оштетување на ДНК во епителните клетки на цревата, или директно преку производство на генотоксини или индиректно преку поттикнување на воспалителни медијатори кои ја оштетуваат ДНК“, објаснуваат авторите на студијата.
Истражувањето се фокусирало на глувци кои се хранеле со исхрана со малку јаглехидрати и влакна, со нормална исхрана и со западен тип на исхрана која била богата со масти и шеќери.
Ешерихија коли и исхрана со малку јаглехидрати го зголемуваат ризикот од рак
Од сите тестирани бактерии и типови на исхрана, само комбинацијата од исхрана со малку јаглехидрати и ешерихија коли покажала потенцијал за зголемување на ризикот од рак на дебело црево. Ова е значајно бидејќи, според авторите на студијата, ешерихија коли е присутна кај шеесет отсто од случаите на колоректален карцином, додека ваквата исхрана го истенчува слојот на слуз во дебелото црево што служи како заштита од микроби.
Иако резултатите биле загрижувачки, научниците откриле дека додавањето влакна во исхраната на глувците го намалува формирањето на тумори и помага во контрола на воспалението.
Истражувачите сакаат да продолжат со ваков тип истражувања за да утврдат дали одредени видови влакна нудат поголема заштита и да ги проучат нивните ефекти кај луѓето.
Кои промени во исхраната можат да помогнат во намалување на ризикот од рак
„Студијата врз глувци укажува на значајна можна врска помеѓу исхраната со малку јаглехидрати, ешерихија коли што произведува колибактин и колоректалниот карцином. Научниците откриле дека ваквата исхрана во комбинација со бактерија што произведува колибактин довела до развој на рак на дебело црево кај глувците“, вели докторка Мариен Кјузик, доцентка по колоректална хирургија на Универзитетот за здравствени науки во Хјустон, која не била вклучена во студијата.
Д-р Кјузик објаснила дека средината во цревата создадена од исхрана со малку јаглехидрати и влакна, заедно со присуството на ешерихија коли, предизвикува „зголемено воспаление во цревата, потенка заштитна бариера од слуз и поголема застапеност на полипи, кои се претходници на ракот“.
Иако откритието го нарече „возбудливо и убедливо“, таа истакна дека се потребни дополнителни истражувања пред ваквите наоди да се применат кај луѓето.
Бидејќи студијата го нагласила значењето на здрава слузна бариера во дебелото црево, докторка Кјузик спомена неколку видови влакна кои можат да помогнат во нејзино одржување.
„Особено се корисни растворливите влакна, како што се инулин, пектин и бета-глукан, кои се наоѓаат во житарки, овошје и зеленчук. Овие влакна ги ферментираат цревните бактерии, создавајќи масни киселини со краток ланец, како што е бутиратот, кои го зајакнуваат слојот на слуз и го поддржуваат здравјето на цревата“, објасни таа.
„Мислам дека ова може да се смета за хипотеза што генерира нови идеи. Можеби навистина постои врска што може да ја објасни зачестеноста на колоректалниот карцином“, вели доктор Нилеш Вора, хематолог, онколог и медицински директор на Онколошкиот институт Тод во Калифорнија, кој исто така не учествувал во оваа студија.
Доктор Вора исто така нагласи дека се потребни повеќе истражувања на оваа тема, додавајќи дека „цревниот микробиом е популарна област на истражување во врска со ракот на дебело црево и тука ќе се отворат многу прашања за понатамошно проучување“.