Времето на диети со строги калориски рестрикции, вклучувајќи го и популарниот „испрекинат пост“, можеби изминува, бидејќи ново истражување укажува дека слични метаболички бенефити може да се постигнат и со едноставно намалување на внесот на јаглехидрати, пишува „Живим“.
Во студија на Универзитетот во Сари, учествувале лица на возраст од 20 до 65 години со прекумерна тежина или дебелина. Тие следеле три различни видови исхрана во текот на еден ден: стандардна диета со јаглехидрати, диета со низок внес на јаглехидрати и балансиран калориски внес и диета со низок внес на јаглехидрати и силно ограничен калориски внес.
Подобрување на метаболичкото здравје без гладување
Научниците откриле дека и двете варијанти на диета со низок внес на јаглехидрати, без разлика дали вклучуваат калориска рестрикција или не – довеле до значително подобрување на метаболичките маркери кај испитаниците. Учесниците полесно ги преработувале оброците богати со масти, а кај многумина се намалиле нивоата на триглицериди, маснотии во крвта поврзани со кардиоваскуларни болести, и се забележал премин кон поефикасно согорување масти за енергија.
„Откривме дека со едноставно ограничување на внесот на јаглехидрати, без потреба од екстремно намалување на калориите, може да се постигнат метаболички ефекти слични на оние од краткорочен пост“, изјави д-р Адам Колинс, коавтор на студијата и вонреден професор по исхрана на Универзитетот во Сари.
Глад без прејадување
Иако учесниците чувствувале поголем глад во деновите кога консумирале помалку јаглехидрати, тоа не довело до зголемен внес на храна во следните денови. Овој податок може да укаже дека телото се адаптира на намален внес на јаглехидрати, што може да овозможи полесно и поодржливо придржување до ваков режим на исхрана на долг рок.
Студијата, објавена во престижното списание „Јуропијан журнал од нутришон“ (European Journal of Nutrition), нуди нови перспективи за исхраната како алатка во подобрување на метаболичкото здравје. Истражувањето има потенцијал да влијае на третманот и менаџментот на состојби како што се тип 2 дијабетес, срцеви заболувања и дебелина.