Додека 82-годишниот Харисон Форд и 60-годишната Калиста Флокхарт се подготвуваат да ја прослават 15-годишнината од бракот, малкумина се сеќаваат дека легендарниот актер непосредно пред да ја запознае својата сегашна сопруга го заврши долгогодишниот брак со една од најпочитуваните сценаристки во Холивуд, Мелиса Матисон.
Матисон соработуваше со најголемите режисери, вклучувајќи го и Стивен Спилберг. Нејзиното сценарио за „Е.Т.“ ѝ донесе номинација за Оскар, а филмот сè уште се смета за еден од најдобрите научно-фантастични филмови на сите времиња.
Родена во Лос Анџелес, Матисон ја започнала својата кариера благодарение на пријателството со семејството на Френсис Форд Копола, на чии деца им била дадилка, а токму режисерот ѝ ја дал првата можност како асистентка на снимањето на „Кум 2“ (1974). Тој, исто така, ја охрабрил да го адаптира романот „Црниот пастув“, што резултираше со филм кој доби признание од критиката и две номинации за Оскар.
Форд и Матисон се запознале во 1976 година на снимањето на филмот „Апокалипса сега“, додека тој сè уште бил во брак со својата прва сопруга, Мери Маркарт. Тие се развеле во 1979 година, а неколку години подоцна, во 1982 година, Форд започна врска со Матисон. Се венчаа една година подоцна.
Во бракот имаа две деца – синот Малколм (роден во 1987 година) и ќерката Џорџија (родена во 1990 година).
Кон крајот на 2000 година, по речиси две децении брак, парот објави дека нивната љубов завршила. Разводот беше финализиран дури во 2004 година, делумно поради сложената поделба на имотот бидејќи не потпишале предбрачен договор. Според неофицијални извори, Матисон добила помеѓу 85 и 118 милиони долари во спогодбата, што го прави еден од најскапите разводи во историјата на Холивуд.
Само две години по разделбата, Форд ја запознал Калиста Флокхарт, со која се ожени во 2010 година и го посвои нејзиниот син Лиам.
По разводот, Матисон продолжи да работи, иако со побавно темпо. Таа се вклучи во активизмот за независност на Тибет откако се запознала со Далај Лама додека го пишувала сценариото за филмот „Кундун“.
Мелиса Матисон почина во 2015 година на 65-годишна возраст од невроендокрин карцином.