Реал Мадрид вчера по петти пат триумфира во Суперкупот на УЕФА откако во Хелсинки со 2:0 славеше против Ајнтрахт Франкфурт.
Карим Бензема со голот што го постигна во второто полувреме, стана втор најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид, а во историските книги се запиша и тренерот Карло Анчелоти. Италијанецот кој седи на клупата на Реал Мадрид по четврти пат триумфира во Суперкупот оставајќи го Пеп Гвардиола со три трофеи.
– Нашата цел беше да ги збуниме со нафрлувања на втората статива бидејќи анализата покажа дека тоа им е нивната слабост. На крајот поведовме од таква ситуација – рече Анчелоти кој го пофали Бензема.
– Головите на Бензема не донесоа до овој натпревар. Иако тој не постигна гол во финалето на Лигата на шампионите, бидејќи имаше нешто поинаква улога од вообичаената, неговите голови против Манчестер Сити, Челси и ПСЖ ни овозможија да играме со Ливерпул за трофејот минатата сезона.Тој е исклучително важен играч за нас, лидер и нема сомнежи дека моментално е најдобриот фудбалер на светот. Имаше одлична минатата сезона, а оваа сезона веќе е на пат кон Златна топка, не се сомневам дека тоа признание треба да замине во неговите раце.
Италијанецот го пофали целиот тим.
– Убаво е да се тренира оваа група играчи. Имаме здрава атмосфера, има позитивни вибрации меѓу сите, а добрите игри и победи ни помагаат уште повеќе – додава Анчелот.
Реал Мадрид в недела ќе ја започне одбраната на титулата во Ла Лига со гостувањето кај Алмерија.