Легендата на македонското карате Венцислав Недев денеска на државниот Универзитет во Софија официјално беше промовиран во доктор на науки по спорт и физичка култура, заокружувајќи ја својата импозантна кариера во карате спортот која трае повеќе од 57 години.
Венцислав Недев во септември лани успешно ја одбрани својата дисертација, а дипломата свечено му беше доделена на Катедрата за спорт на софискиот Универзитет.
Избран за македонски карате тренер на векот, Венцислав Недев стои зад најуспешните македонски каратисти од рангот на Дејан Недев, Аљоша Недев, Мирче Опелоски, Назим Куртовиќ, Лујза Гашева, Јадранка Недева и многу други освојувачи на златни, сребрени и бронзени медали од европските и светските првенства.
Венцислав Недев, кој оваа година ќе го прослави својот 75 роденден, е носител на највисокиот црн појас 9 дан и е потпретседател на светската (ИТКФ) и европската (ЕТКФ) карате федерација.