Македонскиот првак и двоен освојувач на Лигата на шампионите, Вардар 1961, доживеа црно сценарио и беше исфрлен од европските натпреварувања. ЕХФ одлучи да го суспендира скопскиот тим од своите натпреварувања, што е сериозен удар за амбициите на „црвено-црните“.
Поради оваа случка, првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски свика средба со новинарите на која ја објаси ситуацијата со ЕХФ.
„Сведоци сме на тоа што нè снајде. Се огласивме со официјално соопштение, но сакам некои работи да ги појаснам. Сакам да го искажам почитувањето за господинот Сергеј Самсоненко, кој во петте години донесе две европски титули. Тој од свои причини го остави клубот, а јас како заљубеник во спортот и Вардар, се нафатив да го спасувам клубот. Во тој момент играчите беа веќе слободни, но знаевме што е целта на екипата. Пласман во плеј-офот на Лигата на шампионите, титули во Македонија и финале на СЕХА беа наши цели. Го остваривме тоа со играчи кои можевме да ги обезбедиме. Јас ова го направив со ветувања од силни владини луѓе, сам немаше да се нафатам со своите спонзори и пријатели. Имам разбирање, знам каква е состојбата, беше лошо време со кризата, така што делумно имам оправдување за ветувањата дека ќе имам помош. Сепак, добив „НУЛА“ помош. Очекував дека тоа ќе се исполни, барем делумно и дека ќе имаат доблест луѓето да го реализираат ветеното. Поради тоа сакам да искажам голема благодарност до спонзорите кои го помагаа клубот во овој период. За овие две години, ние двапати дојдовме до двојна круна и покрај сериозниот ривал во името на Еурофарм Пелистер. Имав една идеја и замисла, Вардар да биде стабилен. Потпишавме со четири играчи двегодишни договори, со четири интернационалци во договор со тренерот и капитенот. Бевме убедени дека оваа екипа е барем 20% посилна, не само поради засилувањата, туку бидејќи тимот се воигра. До 17 јуни тоа беа плановите, кога се случи нешто непосакувано. Имав и средба со господинот Видерер во Виена, како и на „фајнал-фор“ во Келн. Сепак, западните луѓе размислуваат поинаку. Оваа одлука е без правна подлога. Факт е дека констатно бевме во контакт со Самсоненко. Јас му нагласив на Видерер дека не може да се очекува во рок да се исплатат долговите, особено ако парите доаѓаат од Русија. На крајот, се обидувавме да ги средиме односите“, започна првиот човек на клубот.
ehfcl-rakomet-vardar-elverum-09032021-9741.jpg
Михајловски се осврна на долговите, а зборуваше и за односите со ЕХФ и преписките.
„Имавме рок до лани кој беше пролонгиран, средствата пристигнаа со мало задоцнување. Чудно и симптоматично е што од ЕХФ не ни напиша закана – ако не платите, нема да играте. Јас се обврзав дека доколку не се платат обврските од старата управа, ќе ги преземеме ние. Досега имаме платено 2,3 милиони евра, останаа уште 300.000, кои беа дадени на ЕХФ како депозит. И покрај тоа, некои играчи пријавиле долгови. Ние различно гледаме на тоа, бидејќи тоа беше недокажано. Во Скопје и до нас не дошла одлука дека некому му должиме. По сè ова што ни се случи, одржавме состанок со играчите кои во моментов се тука. Мораме и понатаму да размислуваме за иднината на Вардар. Не би сакале да дојдеме до ситуација за распад. Сакаме да продолжиме да се натпреваруваме, да направиме конкурентна екипа за Еурофарм Пелистер и да се бориме за титулата. СЕХА лигата ќе се продолжи, Вардар ќе игра во домашното првенство и во регионалната лига.
Освен двојните титули, Вардар е деветто рангиран во Европа по освоените бодови во групата на Лигата на шампионите. Во последниот допис до ЕХФ, со ретроспектива на плаќањата и покриеноста на долговите, нагласив дека сум подготвен да покријам и други долгови со банкарска гаранција. Ниту тоа не вредеше, нивната одлука била дефинитивна, нагласија дека не можат да менуваат. Мене ми е мирна совеста, се обидов со сè што можев Вардар да игра во елитата. Ние добивме документација од ЕХФ, гаранција преку РФМ дека ќе играме во Лигата на шампионите и тие нè третираа дека ќе настапиме. Но, тоа се измени. Имаме правна основа, рок на жалба од триесет дена. Јас сум во дилема, треба да се упати судска постапка во Лозана. Размислувам дали да ја поднесам тужбата, бидејќи ЕХФ може следната година да не ни дозволи да играме дури и ако бидеме шампиони. Дури и да добиеме на суд, тоа може да ни наштети за иднината.“, изјави Михајловски.
Вардар 1961 го загуби местото во елитата, а тоа ќе биде сериозен удар. Ако не се настапува во Лигата на шампионите од клупата заминува Давид Дејвис Камара, но веројатно и голем дел од ракометарите кои така непотребно би го оптеретиле буџетот.