Легендарниот британски атлетичар Мо Фарах откри дека бил жртва во трговија со луѓе и насилно бил доведен во Обединетото Кралство каде работел како слуга.
Вистинското име на освојувачот на четири златни олимписки медали и на шест светски титули е Хусеин Абди Кахин, а сегашното Мохамед Фарах му го дале луѓето што го донеле во Англија од Џибути.
Тој од Џибути во Англија е донесен од непозната жена кога имал само девет години и бил принуден да работи како роб.
– Долги години ги потиснував сеќавањата на тоа, но не можете засекогаш да ги криете – изјави Фарах за Би-Би-Си кој порано тврдеше дека во Обединетото Кралство дошол со семејството како бегалец од Сомалија.
Сега Фарах тврди дека неговите родители никогаш не биле во Обединетото Кралство како и дека неговата мајка и двајцата браќа живеат во Сомалија, додека неговиот татко е убиен на четири години.
Кога имал осум или девет години Фарах тврди дека бил киднапиран од жена која дотогаш ја немал видено, под изговор дека ќе оди да ги посети роднините во Европа и дека отсега неговото име ќе биде Мохамед.
Кога пристигнале во Обединетото Кралство, таа го однела во нејзиниот стан во западен Лондон и му ги одзела сите документи.
– Пред мене ги искина сите документи и ги фрли во корпа. Тогаш ми стана јасно дека сум во проблеми – вели Фарах.
Потоа морал да ја чисти куќата и да ги чува децата, велејќи дека тоа било услов за да добие храна. Исто така жената која го донела во Лондон му се заканила дека мора да молчи доколку сака некогаш да го види семејството.
Со години не му било дозволено да оди на училиште и поради тоа често за заклучувал во тоалет и плачел, а единствениот излез го видел во трчањето.
На 12 години почнал да оди во училиште, а на наставните им било кажано дека Мо Фарах е бегалец од Сомалија.
Неговата поранешна учителка Сара Рени за Би-Би-Си рече дека доаѓал на училиште „неуреден“, лошо зборувал англиски и дека е „емоционално и културно отуѓено“ дете.
Работите за Фарах почнале да се менуваат на подобро кога почнал да трча и кога на професорот по физичко Алан Воткинсон му се доверил за неговиот вистински идентитет, потеклото и семејството за кое бил принуден да работи.
Потоа од училиштето ги контактирале социјалните служби и му помогнале на Фарах да биде посвоен од друго сомалиско семејство.
Професорот Воткинсон, исто така, му помогнал да аплицира за британско државјанство под името Мохамед Фарах, кое го доби во јули 2000 година.
– Сè уште ми недостигаше вистинското семејство, но од тој момент сè стана подобро. Чувствував дека многу работи се симнати од моите рамена и се чувствував како вистинскиот јас. Тогаш излезе од Мо – вистинскиот Мо.