Осум екипи од шест земји од денеска до недела во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе настапат на третото издание на Меѓународниот кадетски кошаркарски турнир „Драган Василов – Цевка“.
Покрај македонските екипи МЗТ Скопје Аеродром и Вардар, на третото издание на У15 интернационалниот турнир ќе настапат Партизан и Триумф од Србија, Клуж од Романија, Перник од Бугарија, Интер Братислава од Словачка и Ол Стар од Црна Гора.
Групата А ја сочинуваат Триумф, Перник, МЗТ Скопје Аеродром и Клуж, додека во групата „Б“ ќе разигруваат: Вардар, Партизан, Ол Стар и Интер Братислава.
Воведните натпревари стартуваат во 10 часот, а влезот во СЦ „Јане Сандански“ е слободен.
Традиционалниот турнир се одржува во чест на легендарниот кошаркарски стратег Драган Василов – Цевка, чија страст беше работа со младите категории.
Организатор и оваа година е Општина Аеродром, а помагатели се КФСМ и Македонскиот олимписки комитет.