Вкупно 227 лица се уапсени во Франција, од кои 47 во Париз и неговата околина, за време на судирите по завршувањето на финалето на Светското првенство во фудбал во Катар, во кое Аргентина го освои првото место победувајќи ги „триколорите“, јави дописникот на МИА.
Како што соопшти француското МВР, околу 14.000 полицајци и жандарми беа распоредени низ целата земја, од кои 2.750 во Париз, за да ги спречат инцидентите, какви што имаше по четвртфиналето против Англија, а потоа и полуфиналето против Мароко. Врз полицијата на Шанзелизе беа фрлани шишиња и огномет, по што таа употреби солзавец.
Во Лион, според префектурата, беа уапсени околу петнаесет лица за фрлање проектили и оштетување на Плоштадот Белекур. Пет лица се уапсени во Бордо по судирите со полицијата на Плас де ла Виктоар. Во Ница, градоначалникот Кристијан Естрози го осуди уништувањето во една област на градот.
А во Безие, 14-годишен малолетник беше приведен откако испукал огномет врз возило ЦРС.