Русија доби забрана да учествува на Олимпијада, Параолимпијада и Зимски игри следните четири години поради скандалот со допинг, одлучи денеска Светската антидопинг агенција. Забраната опфаќа забрана за учество на Олимписките игри во Токио 2020 и Зимските олимписки игри во Пекинг 2022 година. Рускиот тим нема да може да се натпреварува ниту на Зимските младински олимписки игри во 2020, како и на други светски натпреварувања организирани од која било земја-потписничка на светскиот антидопинг кодекс.
Сепак, руските натпреварувачи и нивните тренери ќе може да настапуваат независно, доколку не покажат позитивни резултати на допинг тестовите или доколку се покаже дека резултатите од нивните тестирања не биле манипулирани. Во таков случај ќе се натреваруваат под олимпиското, а не под руското знаме. Според одлуката, Русија нема да може да биде ниту домаќин, да се кандидира или да добие право да одржува големи спортски случувања како што се Летните олимписки игри во 2032 година.
Покрај забраната за настап, забрането е присуство на спортски настани на руски владини и претставници на рускиот олимписки и параолимпски комитет.
Руската антидпопинг агенција сега има 21 ден да ја обжали одлуката на Светската антидопинг агенција пред швајцарскиот Арбитражен суд за спорт.
Поради допинг-скандалот Русија не учествуваше на Зимските олимпски игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја, во 2018 година.
Обвинувањата за допинг ја следат Русија уште од Зимските олимписки игри во 2014 година во Сочи кога изби скандал дека руските натпреварувачи биле допингувани со цел да постигнат подобри резултати.
Светската антидопинг агенција ја укина суспензијата на Руската антидопинг агенција, која беше на сила четири години, под услов Русија да ги предаде податоците и примероците за допинг од 2012 до 2015 година. Но и покрај тоа, комитет на Светската антидопинг агенција, ја обвини Русија дека некои од податоците биле фалсификувани и предложи забрана за работа на руската Агенција како и исклучување на земјата од големите спортски натпревари.