На Кристијано и Меси не им оди од прекините во последно време, но Рамос и Александер Арнолд вчера покажаа дека и дефанзивците знаат да погодат.
Кога треба да се изведе слободен удар, обично кон топката пристапуваат најголемите ѕвезди во тимот, и најчесто тоа се напаѓачи или фудбалери од средниот ред, но вчерашните примери со Серхио Рамос и Трент Александер-Арнолд, покажаа дека и одбранбените играчи знаат и тоа како добро да изведат слободен удар и да постигнат прекрасен гол.
Александер Арнолд со мајсторски погодок му донесе водство на Ливерпул од 1-0 против Кристал Палас, и ја отвори вратата кон убедливата победа од 4-0, додека капитенот на Реал ја запечати судбината на Мајорка со феноменален гол за 2-0. Рамос трети пат во кариерата даде гол од слободен удар, а Александер Арнолд стана најмлад играч во последните 25 години кој погодил од слободен удар на „Енфилд“. Не е ништо ново дефанзивци да даваат голови од слободен удар, но статистиката покажува дека можеби ќе дојде време кога некои работи ќе се сменат.
Кристијано Роналдо и Лионел Меси како најголеми ѕвезди на светскиот фудбал, не дозволуваат друг да им ја земе работата околу слободните удари во нивните клубови, а и зошто би било така кога тие давале многу голови од таков прекин. Да, даваа, во минатото.
Роналдо од последните 41 слободен удар, нема дадено гол, а и Меси кој лани беше одличен во овој елемент, почнува да попушта. Тој не реализираше во последните 25 слободни удари кои ги изведе. Откако Кике Сетјен седна на клупата на Барса, меси нема дадено гол од слободен удар.