Мерките за штедење веќе предизвикуваат контроверзии во јавноста поради потенцијалното влијание врз граѓаните и клучните општествени сектори
Австриската влада, предводена од коалицијата на ФПО и ОВП, го претстави предлогот мерки за штедење со цел намалување на буџетскиот дефицит и избегнување „казнени“ постапки од страна на Европската Унија поради прекумерен дефицит.
Меѓу предложените мерки се вклучени потенцијалното укинување на климатскиот бонус, како и намалување на буџетските средства за образовни програми, вклучително и образовните отсуства.
Пратеникот од ФПО, Арнолд Шифер, изјави дека дел од планот е и укинување на климатскиот бонус или образовното отсуство, бидејќи без таквите кратења не би било можно да се постигнат значителни заштеди.
– Образовното отсуство е убаво во добри времиња, но сега е неопходно да се затегне ременот – нагласи Шифер.
Планот за штедење предвидува заштеди од 6,39 милијарди евра во 2025 година, што вклучува намалување на субвенциите, зголемување на ефикасноста на јавните расходи и приспособување на даночниот систем.
Прв заеднички настап на Штокер и Кикл
Лидерот на ФПО, Херберт Кикл, тврди дека нема да има нови даноци, особено не даноци на имот или наследство. Нема да има ниту зголемување на масовните даноци, какви што се данокот на додадена вредност или данокот на минерални масла, а непроменет ќе остане и данокот на добивка за претпријатијата.
Tој нагласи дека „она што другите не успеале да го постигнат за сто дена, тие го постигнале за само три дена“. По 2026 година, според Кикл, државата повторно ќе има буџетски простор за маневрирање.
Главните точки на предлогот опфаќаат стабилизациски придонес на министерствата, со што би биле заштедени 1,1 милијарда евра, зголемување на ефикасноста преку реформи (заштеда од 240 милиони евра), намалување на субвенциите (заштеда од 3,18 милијарди евра), приспособување на даночниот систем (заштеда од 920 милиони евра), а со други мерки би се овозможила заштеда од уште вкупно 950 милиони евра.
Коалициските лидери Херберт Кикл (ФПО) и Кристијан Штокер (ОВП) најавија дека договорот за овие мерки ќе биде преточен во политичка изјава, која ќе ја потпишат и ќе ја предадат на министерот за финансии Гунтер Мајер за да се достави документацијата во Брисел.
Ова беше првиот заеднички јавен настап на лидерите на ФПО и на ОВП од почетокот на коалициските преговори. Мерките за штедење веќе предизвикуваат контроверзии во јавноста поради потенцијалното влијание врз граѓаните и клучните општествени сектори.
Штокер ја брани одлуката за преговори со Кикл
Лидерот на Австриската народна партија Кристијан Штокер признава дека клучната задача на ОВП е обновата на сопствениот кредибилитет откако започнаа преговори со Херберт Кикл, лидерот на Слободната партија на Австрија (ФПO), и покрај претходните спротивни изјави.
Иако за време на изборната кампања беше еден од најострите критичари на Кикл, по неуспехот на преговорите со Социјалдемократската партија на Австрија (CПO) и Неос, тој почна преговори за формирање влада со лидерот на ФПO. Штокер, сепак, нагласи дека неговиот став кон Кикл не е променет.
– Знам што кажав и стојам зад тоа, но исто така знам дека сега правам нешто за кое претходно реков дека нема да го правам – изјави тој додавајќи дека за неуспехот на преговорите со CПO и Неос е одговорен лидерот на социјалдемократите Андреас Баблер.
Штокер изјави дека е свесен за загриженоста на меѓународните експерти за безбедност во врска со можноста Херберт Кикл да стане канцелар, особено поради потенцијалното влијание врз австриските разузнавачки служби. Тој нагласи дека целта е постигнување резултати од преговорите што ќе ги отстранат тие сомнежи, но не сакаше да навлегува во детали. Покрај тоа, призна дека постои ризик Кикл на ниво на Европската Унија, на пример во врска со поддршката за Украина, да постапи спротивно на договорот, но додаде дека таквите ситуации не можат целосно да се избегнат.