сабота, декември 14, 2024
3.8 C
Skopje

Волт: Белгиската „партократија“ оневозможува подем на нови партии

Партијата Волт Белгија обвинува дека белгискиот партиски систем е поставен на тој начин што им оневозможува на новоформираните политички групации да се развиваат и растат покрај постојните и веќе етаблирани партии.

Според ко-носителката на изборната листа на Волт Белгија за европските избори во јуни годинава, европратеничката Софи ин’т Велд, во земјата постојат широк спектар на „системски пречки“, од „нефер“ начинот на финансирање на партиите, па до високи административни трошоци, ги спречува новите партии да се вклучат во изборната трка во Белгија.

– Мислам дека тоа е многу изопачен систем, бидејќи зависи од етаблираните партии. Тие одлучат дали ќе дозволат или не конкуренцијата да влезе во изборната трката, тврди Ин’т Велд.

Таа нагласува дека иако изборите се слободни, сепак ваквата поставеност на партискиот систем, прави изборниот процес да не биде фер.

– Системот е дизајниран на тој начин за да ги задржи новите партии надвор од изборите, смета европратеничката.

Ин’т Велд вели дека Волт се соочила со многу многу технички и административни проблеми за да ги собере потребните потписи за учество на изборите. Меѓу техничките проблеми биле и оние со алатката за онлајн собирање потписи, за што морале да интервенираат во Министерството за внатрешни работи на Белгија, кое е надлежно за изборни прашања, за да биде отстранет проблемот.

– Во Белгија, за разлика од другите земји, нема независна изборна комисија, која би го следела целиот процес, така што не можете да се жалите“, изјави Ин’т Велд.

Партијата Волт соопшти дека испратила писмо до белгиското Министерство за внатрешни работи со поплаки за големиот број „структурни“ технички проблеми и лошата онлајн „корисничка поддршка“, на кое добила одговор од ресорната министерка Анелис Верлинден, која, како што се наведува во соопштението, со „технократски пристап ги отфрла сите забелешки“.

– Станува се поочигледно дека не е важна само нашата партиска програма или нашиот манифест, туку и уривањето на овој политички систем наречен „партократија“, во кој не граѓаните, туку партиите или одделни политичари имаат непропорционална моќ, додава Ин’т Велд.

Според весникот „Брисел Тајмс“, белгиските политички партии во 2021 година од државата добиле 75 милиони евра, што е двојно повеќе отколку во Данска, Германија или Шведска и дури четири пати повеќе отколку во Холандија.

Весникот наведува дека вкупниот имот и актива на белгиските партии во 2020 година изнесувал 133,5 милиони евра, додека во 2022 година таа сума достигнала 165 милиони евра.

Ин’т Велд посочува дека белгиските партии имаат „бескрајни финансиски резерви“, кои вклучуваат недвижности, инвестиции, со што практично тие се „финансиски актери“.

– Сегашниот систем им овозможува на етаблираните партии да живеат во златен кафез. Тие трошат многу пари на социјалните медиуми, што значи дека ги привлекуваат гласачите не со нивните резултати и достигнувања, туку со своето присуство на социјалните медиуми. Ние не можеме да се натпреваруваме со тоа, ниту од далеку, потенцира Ин’т Велд, додавајќи дека Волт не е партија на милионери, туку ново движење на млади луѓе и студенти кои немаат пари.

Во такви услови четири белгиски мали партии поднесоа тужба против белгиската Влада, оспорувајќи го постојниот систем за финансирање на партиите.

Според овој систем, право на финансиски надомест од државата имаат само партиите кои имаат свои избрани претставници во законодавните тела и тоа врз основа на бројот на освоени гласови.

– Целта на јавното финансирање (на партиите) е развој на демократија, а не богатење на партиите…, но во белгиската партократија актуелните партии се заштитени од конкуренција, оцени Волт Белгија во партиското соопштение по повод поднесената тужба.

Според партијата, помеѓу поголемите етаблираните белгиски партија има премолчен договор да се оневозможи реформа на овие правила, за што доказ се пропаѓањето на неколкуте иницијативи за промена на системот.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови