Додека жителите на југоистокот на Австралија и денес бегаат од пожарите кои го пустошат овој регион, небото над нив доби крваво црвена боја, јавува Си-ен-ен.
Пожарникатите на теренот ситуацијата во последните 24 часа ја опишуваат како „еден од најлошите денови досега“.
Градот Памбула е испразнет, улиците се пусти и полни со густ чад над кој се надвива нереално црвено небо. Некои 30-тина километри појужно црвеното небо надвисна и над градот Иден. Таму стотици жители, според упатствата на полицијата, побарале засолниште на плажите. Во таа област се уништени бројни куќи, а властите стравуваат дека може да има и мртви.
Во моментов низ Австралија горат 146 пожари, од кои 65 не се под контрола. а ги гасат околу 2.700 пожарникари.
Во саботата изгорел „значителен“ број куќи, како што соопшти пожарникарската служба. 47-годишен маж умрел од срцев удар додека помагал да се изгаси куќа на пријател. Тој е 24-тата жртва за време на пожарите. Вчера и четворица пожарникари завршија во болница поради проблеми со дишењето, изнемоштеност и изгореници.
Иако денес ситуацијата е полесна, пожарникарските служби стравуваат дека може да се влоши во следните денови.
Поради чадот и временските услови навионалниот авионски превозник Квантас ги откажа летовите од и во главниот град Канбера. Таму температурите достигнаа рекорд во последните 80 години. Вчера попладне во Канбера се измерени 44 Целзиусови степени. Во Сиднеј пак се измерени дури 48,9 Целзиусови степени, што е нов рекорд.
Во Викторија е прогласена Вонредна состојба, за првпат по 2009 година, кога Австралија ги претрпе најголемите пожари во кои загинаа 173 луѓе, а беа повредени 500.
Австралискиот премиер Скот Морисон кажа дека една тешка ноќ е зад нив. Додаде дека неговиот фокус е на оние на кои им треба помош. На пожарникарите им помагаат и 3.000 војници, а Нов Зеланд и Сингапур исто така понудија своја помош во војници.