понеделник, декември 9, 2024
3.8 C
Skopje

Дводневен Самит на ЕУ – главни теми Украина, Блискиот Исток, проширувањето и безбедноста

Поддршката за Украина во справување со руската воена агресија, ситуацијата на Блискиот Исток, проширувањето на Унијата, безбедност, одбрана и надворешните односи на ЕУ, прашањата поврзани со миграцијата и земјоделството, како и рамката за социо-економските политики на блокот за 2024 година, ќе бидат главни теми на дводневниот Самит на Европската Унија што ќе се одржи денеска и утре во Брисел.

Покрај ова, на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе се сретнат со нивните колеги од земјите од Европската економска област – Исланд, Норвешка и Лихтенштајн, со што ќе ја одбележат 30-годишнината од меѓусебната соработка.

Дополнително, лидерите ќе имаат и работен ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, а на маргините на заседанието на Советот на ЕУ ќе се одржи и Евросамитот.

Во поканата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел до лидерите на членките на ЕУ за учество на Самитот се посочува дека во време на третата година од руската агресија врз Украина, Европа се наоѓа во клучен момент кога како императив се поставуваат итноста, интензитетот и непоколебливата решителност во поддршката за земјата.

– Нашата најважна задача е брзо обезбедување на воена помош за Украина и надградба на неодамнешните иницијативи, како онаа на Чешка, за брза набавка и испорака на муниција за Украина. Овој Европски совет ќе биде можност за зајакнување и забрзување на тие напори. Дополнително, мора да се фокусираме на ефикасно спроведување на нашите санкции, како и унапредување на напори за користење на неочекуваните профити од блокираните (руски) средства, наведува Мишел.

 

Според него, сега е време за вистинска промена на парадигмата во однос на европската безбедносна и одбранбена политика, бидејќи Европа со децении не инвестираше доволно во својата безбедност и одбрана.

– Сега кога се соочуваме со најголемата безбедносна закана по Втората светска војна, крајно време е да преземеме радикални и конкретни чекори за да бидеме подготвени за одбрана и да ја поставиме економијата на ЕУ на „воена основа“. Ова значи да се троши повеќе и да се купува повеќе заеднички и поефикасно. Ние, исто така, мора да и помогнеме на одбранбената индустрија во пристап до приватни и јавни фондови и да ги намалиме регулаторните оптоварувања и бариери. Градењето на овој стратешки безбедносен начин на размислување бара силно лидерство и акутно разбирање на итноста од заканите со кои се соочуваме. Очекувам нашиот Европски совет да го исполни ова, порача Мишел.

Тој натаму се осврнува и на ситуацијата на Блискиот Исток, потенцирајќи дека злосторствата и нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година и војната што следеше потоа во Газа, веќе „го преминаа работ на нечовечност“.

– Загинаа премногу цивили. Премногу невини животи се загрозени поради катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа каде беснее глад. Меѓународното право треба целосно да се почитува. Итно е потребен одржлив прекин на огнот за да се заштитат цивилите, да им се овозможи на заложниците безбедно да се вратат дома и да се осигура дека хуманитарната помош може да се достави според потребите, додава Мишел.

Според него, ЕУ треба да ги засили своите напори за спречување на ескалација на конфликтот во регионот, пред се во Либан и во реонот на Црвеното Море, како и да остане посветена на постигнување праведно и сеопфатно мировно решение меѓу Израелците и Палестинците, со опстојување на Државата Израел и со создавање на демократска, суверена и одржлива Држава Палестина, кои ќе живеат една покрај друга во мир и безбедност и со меѓусебно признавање.

Мишел додава и дека на Самитот ќе стане збор и за земјоделството во услови кога европските земјоделци јасно и гласно го изразија своето незадоволство.

– Треба да дејствуваме решително за надминување на предизвиците со кои тие се соочуваат. Ова значи да се направи преглед на досегашната работа и да се обезбеди напредок без одлагање, особено во однос на позицијата на земјоделците во системот на снабдување со храна и фер конкуренцијата, како на внатрешниот пазар, така и на глобално ниво, наведува Мишел.

Тој во поканата додава и дека предлага да се направиме преглед на подготовките за проширувањето и реформите на ЕУ, имајќи предвид дека двата процеси треба да се спроведуваат паралелно за да се осигура дека и идните земји членки, но и ЕУ, ќе бидат подготвени до моментот кога ќе се реализира нивниот прием во блокот.

Мишел истакнува и дека лидерите ќе ја разгледаат и состојбата со миграцијата, а ќе се осврнат и на различни прашања од надворешни односи на ЕУ.

– На Евросамитот в петок, ќе ни се придружат претседателите на Европската централна банка и на Еврогрупата за да разговараме за економската и финансиската состојба и континуираната тесна координација и управување со нашите макроекономски политики. Крајно време е повторно да ја потврдиме нашата силна решеност да направиме решителен напредок кон поцврста Унија на пазарот на капитал, надградувајќи ги мерките утврдени од Еврогрупата, додава Миел во поканата.

Во делот на поддршката за Украина и нејзиниот народ како одговор на воената агресија на Русија, се очекува лидерите на ЕУ да ја реафирмираат заложбата за продолжување на политичката, финансиската, економската, хуманитарната, воената и дипломатската поддршка за земјата онолку долго колку што е потребно, како надополнување на досега издвоените преку 138 милијарди евра помош.

Дополнително, се очекува лидерите да го разгледаат и предлогот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за усвојување одлука за искористување на неочекуваните приходи од руските блокирани средства за поддршка на Украина. Според предлогот на Борел, 90 проценти од овие средства ќе бидат распределени преку Европскиот мировен фонд, а 10 отсто преку Буџетот на ЕУ. Се проценува дека на овој начин би се обезбедувале по околу три милијарди евра на годишно ниво за дополнително финансирање на поддршката на Украина.

Во делот за безбедноста и одбраната, се очекува лидерите да разговараат за потребата за зголемување на одбранбена подготвеност на ЕУ, за зајакнување на нејзината одбранбена технолошка и индустриска база, како и за преземање на понатамошни чекори за обезбедување поотпорна и поконкурентна одбранбена индустрија. Во тој контекст на Самитот ќе стане збор и за Европската стратегија за одбранбена индустрија и Европската програма за одбранбена индустрија, подготвени од страна на Еврокомисијата.

Во врска со случувањата на Блискиот Исток, се очекува лидерите да ги повторат своите повици од претходните Самити за континуиран, брз, безбеден и непречен пристап на хуманитарната помош до сите оние на кои им е потребна, како и да ја нагласат потребата од соработка со партнерите во регионот за избегнување ескалација на конфликтот во регионот.

По нападот на Хамас врз Израел и настаните во Појасот Газа, ЕУ најстрого го осуди Хамас, го призна правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право и ја изрази својата сериозна загриженост поради влошувањето на хуманитарната ситуација во Газа.

Лидерите, исто така, ќе разговараат за политиката на проширување на ЕУ, пред се за најновиот развој на настаните поврзани со Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија, по донесените одлуки на Самитот во декември 2023 година, со кои дадоа зелено светло за старт на пристапните преговори со Киев и Кишињев и изразија подготвеност да одобрат почеток на преговарачкиот процес со Сараево, откако земјата ќе го постигне неопходното ниво на усогласеност со критериумите за членство. За таа цел, лидерите ја задолжија Еврокомисијата да им поднесе им извештај за напредокот најдоцна до овој Самит.

Според најавите, Европската комисија ќе достави писмен извештај за Босна и Херцеговина во кој ќе препорача отпочнување на пристапните преговори, додека за Украина и Молдавија ќе да даде усни оценки за подготовките за старт на преговарачките процеси и да ги поднесе нацрт-преговарачките рамки за двете земји со по 35 поглавја.

Лидерите на ЕУ ќе се осврнат и на приоритетите на Европскиот семестар во 2024 година, односно на годишната рамка за економските, фискалните, вработувањето и социјалните политики на ЕУ, а се очекува и да ја разгледаат и одобрат Нацрт-препораката за економската политика на Еврозоната.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови