Европските политички партии денеска во Брисел ќе потпишат Кодекс на однесување за изборите за членови во Европарламентот закажани за јуни годинава, на церемонија чиј домаќин ќе биде потпретседателката на Еврокомисијата за вредности и транспарентност Вера Јоурова.
Како што јави дописникот од Брисел, со ставањето потпис на Кодексот европските партиски групации се обврзуваат дека ќе ги почитуваат етичките и правните практики на изборната кампања во услови на растечката загриженост за интегритетот на изборните процеси ширум Европа под влијание на внатрешни и надворешни закани.
Според Јоурова, Кодексот треба да помогне да се зајакне довербата на гласачите во изборниот процес.
-Изборите треба да претставуваат терен за натпревар на идеи, а не за валкани манипулативни методи. Им честитам на партиите за одлуката да направат дополнителни напори во нивната посветеност на фер кампања, порача Јоурова.