сабота, декември 14, 2024
-3.2 C
Skopje

Зеленски ќе се обрати на Минхенската безбедносна конференција, најавена средба со Камала Харис

Украинскиот претседател Володимир Зеленски откако вчера доби гаранции од Берлин и Париз за безбедноста на Украина, денеска се враќа во Германија за да се обрати пред учесниците на Минхенската безбедносна конференција.

Во својот говор, Зеленски се очекува да им се обрати на западните лидери во потрага по широка поддршка за неговата земја. Украинскиот претседател ќе има дипломатски средби во текот на денот. Освен со американската потпретседателка Камала Харис, се очекува тој да разговара и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Украина се соочува со повеќе предизвици: руските трупи се во офанзива, останува неизвесноста околу американската воена помош, а украинската војска има недостиг од луѓе, оружје и муниција.

Киев со месеци се надева дека ќе биде изгласан клучниот пакет помош од САД вреден околу 60 милијарди долари откако администрацијата на Џо Бајден ја донесе одлуката, но неговото одобрување беше блокирано од републиканската опозиција, која е под влијание на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Неуспехот да се одблокира оваа помош во американскиот Конгрес би бил „подарок за Путин“, предупреди Камала Харис во вчерашниот говор во Минхен.

На безбедносната конференција денеска се очекува да говорат и канцеларот Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Европската унија неодамна одобри, иако со одредени тешкотии, 50 милијарди евра воена помош во текот на четири години откако Унгарија го повлече ветото.

Во рамките на конференцијата ќе се одржи и состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Г-7.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови