Шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон, ќе се сретне со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на Флорида на почетокот на неговата дводневна посета на Вашингтон, објави Лондон.
-Посетата на Вашингтон, денеска и утре, ќе следи по средбата на министерот со поранешниот претседател Доналд Трамп на Флорида, изјави портпаролот на британското министерство за надворешни работи.
„Вообичаено е министрите да се среќаваат со кандидатите на опозицијата како дел од нивните меѓународни активности“, додаде портпаролот.
Средбата со Трамп, противкандидатот на актуелниот демократски претседател Џо Бајден на претседателските избори во ноември, се одржува пред неговата посета на Вашингтон, на која Камерон ќе се залага за деблокирање на американската помош за Украина и ќе разговара за ситуацијата во Појасот Газа, пишуваат француските медиуми.
Шефот на британската дипломатија ќе се сретне и со американскиот колега Антони Блинкен, како и со претставници на парламентот.
Министерството најавува дека Камерон во Вашингтон треба да ги „повика“ САД да ја испратат својата помош за Украина, која е заглавена во Конгресот поради двопартискиот спор.
„Успехот на Украина и неуспехот на Путин се клучни за безбедноста на Американците и Европејците“, рече Дејвид Камерон во соопштение во кое додава дека „ победата на Русија ’јасно’ ќе одекне во Пекинг, Техеран и Пјонгјанг.
Камерон нагласи дека европската и американската помош за Киев „прави огромна разлика на боиштата во Украина и Црното Море“