Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска е во посета на Лондон за да разговара со нејзиниот британски колега Џејмс Клеверли за помошта за Украина во војната со Русија, јави ДПА.
Франција вчера објави дека ќе и обезбеди на Украина лесни борбени возила AMX-10 Air Se кои претседателот Емануел Макрон ги нарече „лесни борбени тенкови“.
„Колку побрзо (рускиот претседател Владимир Путин) сфати дека неговата брутална агресивна војна е осудена на неуспех, толку побрзо ќе има надеж за крај на војната“, рече Бербок во Берлин пред да отпатува за Лондон на посета која беше одложена неколку пати.
Германската министерка за надворешни работи рече дека ќе разговара со нејзиниот британски колега како на Украина може да и се помогне да ја преживее зимата. „Целта е Украина да ја добие војната и светот да стане мирен и спокоен“, додаде таа.
Германија отфрли бројни барања од Украина за оклопна воена опрема, вклучително и тенкови „Леопард 2“ и борбени возила „Мардер“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека ниту една земја од НАТО не му обезбедила на Киев таква опрема.
Друга цел на посетата на Бербок на Лондон е воспоставување стратешки германско-британски дијалог по Брегзит.
„Треба да се изградат мостови со Велика Британија во областа на младинската размена, мобилноста на работната сила и академските студии“, рече шефицата на германската дипломатија.