недела, декември 8, 2024
5.8 C
Skopje

Мeѓународниот кривичен суд против предлогот за формирање нов Трибунал за руските воени злосторство во Украина

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) го отфрли предлогот на Европската Унија за формирање специјален трибунал со поддршка на ОН.

ЕУ предложи формирање на трибунал за гонење на злосторствата извршени во Украина, но МКС го отфрли предлогот, велејќи дека Судот е способен ефикасно да се справи со предизвикот.

Главниот обвинител на МКС, поранешен адвокат од Велика Британија, Карим Кан, го отфрли планот на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, за формирање специјален суд за „кривично гонење на сторителите на злосторствата за време на руската инвазија на Украина. “.

Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг започна истрага, но не може да гони за кривично дело агресија или чин на инвазија на друга земја, бидејќи Руската Федерација не е потписник на Римскиот статут, договорот врз основа на кој е формиран Судот.

Во својот предлог, Фон дер Лајен посочи дека е неопходно да се формира нов суд за да се избегнат прашањата за имунитет, бидејќи шефовите на држави, како што е рускиот претседател Владимир Путин, генерално се сметаат за имуни од кривично гонење додека се на функција.

– ЕУ погрешно ги толкува прописите,  им рече Кан на новинарите, бранејќи ја способноста на својата институција да гони високи политички фигури.

Фон дер Лајен рече дека ЕУ ќе продолжи да работи со меѓународните партнери за да добие „најширока можна меѓународна поддршка“ за формирање на Трибуналот, но нагласи дека ќе продолжи да го поддржува МКС.

Кан призна дека МКС не може да го гони Путин за злосторство агресија, но на други високи функционери може да им се суди за воени злосторства или геноцид.

– Треба да избегнеме фрагментација и наместо тоа да работиме на консолидација, рече Кан, обраќајќи им се на членовите на меѓународното тело за надзор на МКС.

Откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина на 24 февруари, руските вооружени сили се обвинети за различни злосторства, од убиства во Буча, предградие на Киев, до смртоносни напади, вклучително и воздушниот напад на 16 март врз театарот во Мариупол кога загинаа 600 луѓе.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови