Ширењето на вуханскиот коронавирус не покажува знаци на стивнување, а Кина пријави уште еден голем скок и во случаите на заразени и во смртните случаи во регионот што е центар на епидемијата.
Вкупниот број потврдени случаи во Кина изнесува 20.438 заклучно со утрово, што претставува зголемување за 3.235 од претходниот ден – скок од над 18%. Бројот на починатите сега е на 425 во Кина, што претставува зголемување од околу 65 од неделата.
Надвор од Кина, распространетоста на вирусот останува далеку пониска, но повеќе од 185 случаи се пријавени во над дваесет земји и територии. Две лица починаа надвор од Кина од почетокот на епидемијата. Едниот починат е на Филипините, а другиот во полуавтономниот кинески град Хонг Конг, кој во вторникот објави дека починал 39-годишен маж што патувал во Вухан минатиот месец.
Меѓународните истражувачи забрзано работат на развивање вакцина за да се запре ширењето на вирусот.
Во провинцијата Гуижоу, коронавирусот е дијагностициран кај едномесечно бебе. Бебето во Гуижоу дошло од друга провинција и во моментов живее во градот Гујанг. Коронавирусот ѝ бил дијагностициран вчера и во моментот е во изолација во болницата. Засега нејзината состојба е стабилна.
Кинеските власти јавуваат дека над 80 отсто од заболените се постари од 60 години.
Пад на економијата
Строгите ограничувања и продолжените празници низ поголем дел од Кина почнуваат да влијаат врз економијата на земјата. Кинеските берзи во понеделникот забележаа големи загуби, на првиот ден по паузата за лунарната нова година.
Загубите на пазарите во Шангај и Шенжен збришаа вкупна вредност од 445 милијарди долари. Понеделникот беше најлошиот ден во Шангај од 2015 година, а најлошиот за Шенжен од 2007 година.
Вредноста на кинескиот јуан исто така падна, а паѓаат и светските цени на нафтата покрај стравувањата дека епидемијата ќе ја уништи побарувачката од Кина, најголемиот светски увозник на суровини.
Зрак надеж
Меѓу многуте лоши вести, има и некакви мали знаци на надеж, вели Си-ен-ен.
Властите во Тајланд во понеделникот соопштија дека втор пациент е излекуван со нова комбинација на лекови против грип и ХИВ, откако лекарите рекоа дека комбинацијата успеала да излечи 71-годишна жена од Кина заразена со вирусот.
Министерот за здравство на Тајланд, Анутин Чарнвиракул, им рече на новинарите дека 71-годишната жена имала најтешки симптоми од сите оние што се под нега во земјата. Анутин рече дека се надева оти „други академски, медицински или истражувачки институции можат да го преземат овој резултат и да најдат повеќе факти колку што можат“.
„И ако излезе дека дозата и методот на лекување што ги применивме може да го излечи секој случај, тоа ќе биде од корист за целото човештво“, додаде Анутин.
„Гилеад саенсис“, биофармацевтска фирма со експериментален антивирусен лек наречен ремдесивир, кој се користи за лекување на вирусот на еболата, доцна во петокот рече дека работат со кинеските здравствени власти за да се види дали лекот може да се бори против симптомите на коронавирусот.
Компанијата соопшти дека ремдесивир покажал одреден успех во лекувањето на блискоисточниот респираторен синдром (МЕРС) и на тешкиот акутен респираторен синдром (САРС) – два вируси слични на вуханскиот коронавирус – кај животни.
Во Вухан вчера беше отворена болница наменета за третман на вирусот. Институцијата беше изградена за помалку од една недела, а втората треба да биде отворена в четврток. Во двете болници ќе се лечат пациенти со коронавирусот.