Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за Еј-Би-Си Њуз изјави дека израелската армија ќе обезбеди „безбеден премин за цивилното население“ пред очекуваниот напад врз Рафа, најјужниот град на Појасот Газа, отфрлајќи ги стравувањата за хуманитарна катастрофа.
И покрај меѓународната тревога поради потенцијалниот масакр во градот каде се наоѓаат повеќе од еден милион раселени Палестинци, Нетанјаху вели дека офанзивата е клучна за нанесување пораз на Хамас.
– Победата е на дофат на раце. Ќе го направиме тоа. Ќе ги победиме преостанатите терористички баталјони на Хамас во Рафа, кој е последниот бастион, но ќе го направиме тоа, рече Нетанјаху.
Како што нагласи, на цивилното население ќе му обезбеди безбеден премин за да може да си замине. Тој призна дека се согласува „со Американците“ дека операцијата прво ќе треба да го планира влијанието врз цивилите.
– Ќе го направиме тоа додека обезбедуваме безбеден премин за цивилното население за да може да си замине, рече тој, според објавените извадоци од интервјуто.
Нејасно е каде може да оди толку голем број луѓе, кои се притиснати на границата со Египет и се засолнуваат во импровизирани шатори. Прашан за тоа, Нетанјаху само рече дека „разработуваат детален план“.
Со константното напредување на израелските сили кон југ, Рафа стана последниот голем град во Газа во кој војници допрва треба да влезат, иако е бомбардиран од воздух речиси секојдневно.