понеделник, декември 9, 2024
3.8 C
Skopje

Папата Франциск го посети Бенедикт Шеснаесетти

 

Папата Франциск го посети својот претходник Бенедикт Шеснаесетти, откако здравствената состојба на 95-годишниот поранешен папа се влоши во изминатите часови, изјави денеска портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, јави ДПА.

Папата Франциск за време на општа аудиенција денеска во Ватикан изјави дека Бенедикт е многу болен. Тој ги повика верниците да побараат од Бога „да го утеши и поддржи“ пензионираниот понтиф.

Бруни истакна дека состојбата на Бенедикт се припишува на неговата напредна возраст, без да даде дополнителни детали.

– Ситуацијата во моментов е под контрола, рече Бруни.

Бенедикт Шеснаесетти, роден во Баварија, чие оригинално име е Џозеф Алоисиус Рацингер, беше избран за наследник на Јован Павле Втори на 19 април 2005 година.

Осмиот Германец кој стана папа во 2.000-годишната историја на католицизмот и вториот неиталијанец во речиси 500 години, Рацингер го избра името Бенедикт во чест на Свети Бенедикт, основачот на европското монаштво од 5 век.

Тој поднесе оставка на 28 февруари 2013 година и беше прв папа што дал оставка во изминатите 600 години. Тоа го отвори патот за изборот на неговиот аргентински наследник Франциск.

Оттогаш, тој живее во релативна изолација во манастир.

– Ситуацијата е секако многу сериозна. Но, за човек кој се приближува до 100-тата година од животот, тоа не е изненадувачки, рече долгогодишниот пријател на Бенедикт, истакнатиот германски теолог Волфганг Бајнерт.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови