петок, декември 6, 2024
8.8 C
Skopje

Протекоа документи дека Макрон и други високи политичари тајно му помагале на Убер

Илјадници протечени датотеки до кои дошол Гардијан открија дека политичари како Емануел Макрон и поранешната еврокомесарка Нели Крос ѝ помагале на американската превозна компанија Убер да се прошири во Европа на сметка на такси-индустријата.

Големото количество доверливи фајлови откриваат како технолошкиот гигант ги прекршувал законите, ја мамел полицијата, користел насилство врз возачите и тајно лобирал до владите за време на својата агресивна глобална експанзија. Податоците покажуваат дека Убер се обидел да си обезбеди поддршка со дискретно додворување на премиерите, претседателите, милијардерите, олигарсите и медиумските магнати.

Документите покажуваат како поранешниот шеф на Убер лично наредил да се користи т.н. механизам „кил свич“, за итно далечинско исклучување на системот, за да се спречи полицијата да пристапи до компјутерите.

Датотеките на Убер содржат повеќе од 124.000 записи, вклучувајќи 83.000 електронски пораки и 1.000 други фајлови со разговори, кои го опфаќаат периодот од 2013 до 2017 година.

Тие за прв пат откриваат дека лобирањето вредно 90 милиони долари годишно и напорите за регрутирање пријателски политичари помогнале во нејзината кампања да ја наруши европската такси-индустрија.

Додека француските таксисти организираа понекогаш и насилни протести против Убер, Макрон, актуелниот претседател, бил во контакт со контроверзниот шеф на Убер, Травис Каланик, кому му рекол дека ќе ги реформира законите во корист на таа компанија, се вели во досиејата.

Тие покажуваат дека поранешната комесарка на ЕУ за дигитална технологија, Нели Крос, еден од највисоките функционери на Брисел, била во преговори да му се приклучи на Убер пред да истече нејзиниот мандат, а потоа тајно лобирала за фирмата, потенцијално кршејќи ги етичките правила на ЕУ.

Во тоа време, Убер не беше само една од најбрзорастечките компании во светот, таа беше и една од најконтроверзните, следена од тужби, обвинувања за сексуално вознемирување и скандали со злоупотреба на податоците.

На крај на акционерите им дошло преку глава и Травис Каланик беше принуден да замине во 2017 година.

Убер рече дека неговата заменичка, Дара Косровшахи, имала задача да го трансформира секој аспект од работењето на Убер и дека вовел ригорозни контроли и се усогласил да работи како јавна компанија.

Париз беше сцена на европското лансирање на Убер и наиде на силно противење од такси-индустријата, што кулминираше со насилни протести на улиците.

Според досиејата, Макрон, кој беше назначен за министер за економија во август 2014 година, гледал на Убер како извор на раст и имал голема потреба од нови работни места, па сакал да помогне.

Тој октомври тој одржал состанок со Каланик и други директори и лобисти, што го означило почетокот на долгата и контроверзна одбрана на интересите на компанијата.

Лобистот на Убер, Марк Мекган, го опиша состанокот како „спектакуларен“. Според него, тоа било средба каква што никогаш претходно немал видено. „Наскоро ќе танцуваме“, додал Мекган.

 

Документите покажуваат дека Макрон и Каланик се сретнале најмалку четири пати – во Париз и во Давос, Швајцарија, а била пријавена само средбата во Давос.

Во еден момент Убер му пишал на Макрон велејќи дека е „исклучително благодарен“.

„Отвореноста и топлиот пречек што ги добиваме се невообичаени во односите меѓу владата и индустријата“, се наведува во документите.

Француските таксисти беа особено огорчени од лансирањето на УберПоп во 2014 година, услуга што им овозможи на возачите без лиценца да нудат возење по многу пониски цени.

Судовите и парламентот го забранија тоа, но Убер продолжи да работи бидејќи го оспори законот.

Макрон не мислел дека има иднина за УберПоп, но се согласил да работи со компанијата на преработка на француските закони што ги регулираат другите услуги.

„Убер ќе обезбеди нацрт-регулаторна рамка за делба на возењата. Ќе ги поврземе нашите тимови за да почнеме да работиме на изводлив предлог, кој би можел да стане формална рамка во Франција“, се вели во мејлот на Тревис Каланик до Макрон.

Протестите станаа насилни на 25 јуни 2015 година, а една недела подоцна Макрон испрати порака до Каланик со, како што се вели, очигледна понуда за помош.

„Ќе ги соберам сите следната недела за да ја подготвам реформата и да го исправиме законот“, рече Макрон.

Истиот ден, Убер објави суспензија на УберПоп во Франција.

Неколку месеци подоцна Макрон потпиша декрет за олеснување на условите за лиценцирање на возачите на Убер.

Нивото на односите на актуелниот француски претседател со контроверзната глобална фирма, која работела со прекршување на францускиот закон, сè уште не е откриено.

Откако протекоа фајловите, се огласи портпаролот на Макрон.

„Неговите функции природно го наведоа да се сретне и да комуницира со многу компании што беа ангажирани во острата промена што се случи во текот на тие години во услужниот сектор, што мораше да се олесни со отклучување на административните и регулаторните пречки“, се вели во мејлот од портпаролот на Макрон.

Кога станува збор за поранешната еврокомесарка за дигитални технологии и заменик-претседателка на Европската комисија, Нели Крос, во нејзината родна земја Холандија „УберПоп“ донесе и правни и политички проблеми.

Возачите на Убер беа апсени во октомври 2014 година, а судијата во Хаг во декември ја забрани службата за превоз, заканувајќи се со казни до 100.000 евра.

Во март 2015 година, полицијата изврши рација во канцеларијата на Убер во Амстердам. Крос им се јавувала на министрите и другите членови на владата за да ги убеди да се откажат од рацијата.

Протест против Убер во Холандија
За време на следната рација, по една недела, документите покажуваат дека Крос повторно контактирала со холандскиот министер и, според мејлот, го „малтретирала“.

Досиејата покажуваат и дека компанијата сакала Крос да пренесува пораки до канцеларијата на холандскиот премиер Марк Руте.

Во меѓувреме, поранешната комесарка негираше дека имала каква било „формална или неформална улога во Убер“ пред мај 2016 година кога завршил периодот на „ладење“ по напуштањето на европската работа.

Таа истакна дека како еврокомесар соработувала со многу технолошки компании, водејќи се секогаш од она што таа сметала дека е од јавен интерес.

Досиејата беа обелоденети до Гардијан и споделени со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и голем број медиумски организации.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови