Скоро милион луѓе во Вухан, кинескиот град каде за прв пат беше регистриран коронавирусот, се во карантин.
На жителите на округот Џиангкси во Вухан им е наредено да останат во своите домови или имоти три дена откако беа откриени четири асимптоматски случаи на Ковид-19, јавува Би-Би-Си.
Кина има политика за нулта ковид толеранција, која вклучува масовно тестирање, строги правила за изолација и локални карантини. Ова резултира со многу помалку смртни случаи отколку во многу други земји.
Во Вухан, град со 12 милиони луѓе, редовното тестирање откри два асимптоматски случаи пред два дена. Пронајдени се уште два случаи преку следење на контактите, набргу по издавањето на наредбата за карантин.
Вухан стана познат ширум светот на почетокот на 2020 година како прво место во светот каде што научниците го открија новиот коронавирус. Исто така, Вухан е првиот град кој е ставен под строги рестриктивни мерки.
Светот тогаш беше шокиран од строгиот карантин, но многу градови и земји набрзо беа принудени да воведат слични мерки.
Претходно оваа недела, научниците рекоа дека има убедливи докази дека пазарот Хуанан во Вухан бил епицентарот на избувнувањето на пандемијата.