Доколку САД ги испратат своите ракетни системи „Патриот“ во Украина, тоа ќе биде уште еден провокативен чекор што може да доведе до непредвидливи последици, предупреди руската амбасада во Вашингтон.
Во САД е започната информативна кампања за наводните подготовки за испраќање на најсовремените системи за противвоздушна одбрана во Киев, соопштија руски дипломати.
„Доколку оваа информација биде потврдена, ќе бидеме сведоци на уште еден провокативен чекор на американската администрација што може да доведе до непредвидливи последици“, предупредија тие.
Според руските дипломати, „дури и без испорака на системот ‘Патриот’, САД се повеќе се вовлечени во конфликтот во постсоветската република“.
“Протокот на оружје се зголемува, обуката на војниците се шири. Украинската армија добива разузнавачки податоци. Се повеќе се дискутира за испраќање американски воени експерти во борбената зона. Покрај тоа, во конфликтот учествуваат и американски државјани како платеници“, нагласија тие.
Претходно Си-Ен-Ен објави дека „Вашингтон ги финализира плановите за испраќање на ракетниот одбранбен систем ‘Патриот’ во Украина“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупреди дека руските вооружени сили ќе ги сметаат за легитимни ракетните одбранбени системи „Патриот“, доколку Вашингтон им ги испорача на Киев.