Русија ќе ѝ помогне на Сирија да изгради реплика од Аја Софија, која ќе функционира како православна црква, истакна руски законодавец откако Турција го претвори истанбулски музеј во џамија, пишува „Москоу Тајмс“.
Претворањето на Света Софија во џамија предизвика многу критики, а политички и верски лидери истакнаа дека градбата била значаен симбол на меѓуверско обединување.
Русија одлучила да обезбеди финансии за минијатурна Аја Софија во западната сириска покраина Хама за да ја покаже важноста на „мирниот дијалог“ меѓу религиите, истакна конзервативниот руски законодавец Витали Милонов.
Интересни факти за Аја Софија – ја граделе 10.000 работници во период од пет години
Според одредени медиуми, подготовките за изградбата на репликата на Аја Софија во градот Ал-Сукајлабијах ќе почнат идниот месец. Наводно, проектот е идеја на прорежимскиот воен лидер Набеул Ал-Абдулах. Абдулах ги презентирал неговите планови пред руската војска откако добил одобрение од митрополитот на грчката православна црква во Хама.
-Мислам дека цела Русија ќе сака да помогне. Ова навистина ќе биде значаен настан за сите православни луѓе – истакна Милонов.
Москва го поддржува проектот како дел од напорите за оправдување на воената интервенција во Сирија преку нагласување на врските меѓу православното население во Сирија и Русија, сметаат сириски опозициски активисти. Русија, која е верен сојузник на Башар ал Асад, е вмешана во сирискиот конфликт уште од 2015 година.
Местото за новата катедрала наводно е лоцирано на неколку километри од базите на турската армија во Хама.