понеделник, декември 9, 2024
4.8 C
Skopje

Тајван од 1 јануари почнува со тестирање за Ковид-19 на патниците кои ќе пристигнат од Кина

 

Тајван од 1 јануари ќе ги тестира за Ковид-19 патниците кои ќе пристигнат од Кина поради големиот број нови случаи во таа држава, соопшти Владата во Тајпеј.

Здравствените власти на Тајван објавија дека сите патници кои пристигнуваат со директни летови од Кина и тие кои пристигнуваат по море ќе треба да направат ПЦР тест по пристигнувањето во Тајван.

Надлежните додаваат дека ќе се секвенционираат примероци од патници кои се позитивни на инфекцијата, за навреме да се открие можното присуство на нови варијанти на коронавирусот кај нив.

Мерките, кои ќе останат во сила до крајот на јануари, не ги засегаат тие што влегуваат во Тајван од Хонг Конг и Макао.

Тие што ќе бидат позитивни на Ковид-19 ќе можат да бидат ставени во карантин во домашни услови, соопштија тајванските здравствени власти.

Новата мерка главно ќе ги погоди тајванските граѓани кои живеат и работат во Кина, како и нивните сопружници и деца, бидејќи во 2019 година Пекинг им забрани на кинеските туристи да го посетат островот.

Многу Тајванци кои живеат во Кина обично се враќаат во Тајван за лунарната Нова година, која паѓа во јануари.

На почетокот на овој месец, кинеските власти нагло ја променија својата политика за борба против ширењето на коронавирусот и почнаа постепено да ги олабавуваат ограничувањата. Откажувањето на ограничувањата стана факт по масовните протести.

Откако тајванските власти го затворија Тајван за странци речиси две години и спроведоа строги правила за карантин на тие на кои сè уште им беше дозволено да влезат, островот во октомври повторно беше отворен за светот и беше укинат задолжителниот карантин.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови