Шпанското Министерство за внатрешни работи вечерва прогласи вонредна состојба по прекинот на снабдувањето со електрична енергија што го зафати целиот Пиринејски Полуостров, јавува „Би-би-си“.
Министерството додаде дека вонредната состојба ќе биде воведена во сите региони на земјата што го побарале тоа. Мадрид, Андалузија и Екстремадура досега побараа од централната влада да ја преземе контролата врз јавниот ред и други функции.
Шпанското Министерство за внатрешни работи, исто така, ќе распореди 30.000 полицајци за да ја зајакне безбедноста низ целата земја.
Во меѓувреме, Службата за аеродроми и воздушна навигација на Португалија соопшти дека не очекува полетувања од Лисабон до 22 часот по локално време поради прекинот на снабдувањето со електрична енергија. Аеродромите во Порто и Фаро продолжуваат да работат со ограничен режим.