Шпанија ги засили безбедносните мерки во владините и официјалните згради по откривањето на пет писма-бомби и запаливи средства во изминатата недела, вклучително и онаа што експлодираше вчера во украинската амбасада во Мадрид.
Писма-бомбите се испратени до шпанскиот премиер Педро Санчез, до Министерството за одбрана, компанија за производство на ракетни фрлачи кои ги донира на Киев, воена воздухопловна база во близина на Мадрид и амбасадата, пишува Гардијан.
Шпанскиот државен секретар за безбедност Рафаел Перез изјави дека првичните анализи покажале дека пратките се испратени од Шпанија.
– Тоа се кафени коверти со сличен изглед. Ние сме во рана фаза на нашата истрага. Иако има знаци дека дошле од шпанска територија, да бидеме внимателни, изјави Перез денеска во Мадрид.
Државниот секретар вели дека се уште нема доволно причини за тревога од терористичката закана и дека шпанската влада не знае дека слични пакети се испраќаат во други земји. Највисокиот кривичен суд во Шпанија го истражува случајот, а експертите ќе ги прегледаат ковертите за да ги споредат ДНК и ракописот.
Писмо-бомба вчера експлодираше во амбасадата кога еден вработен го отворил. Мажот се здобил со полесни повреди на рацете. Поради ова, Украина ги предупреди своите дипломати да ги засилат безбедносните мерки. Второто писмо-бомба беше деактивирано од офицери на одредот за бомби. Тоа беше откриено неколку часа подоцна во Инсталаз, компанија за производство на оружје во Сарагоса во регионот Арагон, која произведува ракетни фрлачи C90, пишува Гардијан.
Утрово се испостави дека писмо со пиротехнички материјал било упатено и до премиерот Санчез. Писмото беше пресретнато на 24 ноември во палатата Монклоа, официјалната резиденција на премиерот. Набргу потоа, Министерството за одбрана соопшти дека во девет часот наутро бил откриен сомнителен пакет, поради што биле повикани полицајците на одредот за деактивирање бомби. Тоа било упатено до министерката за одбрана Маргарита Роблес.
Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека откривањето на писмото во Монклоа поттикнало итно зголемување на безбедноста во владините згради. Тие рекоа дека сега ќе бидат дополнително внимателни за поштенските пратки. Портпаролот на министерството вели дека рендгенските снимки покажале дека пликото испратено до сателитскиот центар на Европската Унија во базата Торехон де Ардоз содржи некаков механизам.
– Припадници на националната полиција и цивилната гарда отидоа во базата за да ја оградат областа, а полициските истражители го анализираат пликот кој беше адресиран до сателитскиот центар, рече портпаролот.
Прелиминарните истраги сугерираат дека постои врска помеѓу првите два коверти, бидејќи и двете писма имале иста адреса на е-пошта на испраќачот. Амбасадорот на Украина во Шпанија, Серхиј Похорелцев изјави дека првиот сомнителен пакет е адресиран до него и е предаден на командантот на амбасадата.
Пакетот содржеше кутија, поради што командантот се посомнева и тој реши да ја извади надвор, без никој наоколу, и да ја отвори, изјави Похорелцев за украинската информативна страница „Европска правда“.