вторник, октомври 28, 2025
6.8 C
Skopje

Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, размислува за претседателската трка во САД во 2028 година

Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, еден од најгласните демократи кога станува збор за критиките кон американскиот претседател Доналд Трамп, потврди дека размислува за претседателска кандидатура, јави ДПА.

Запрашан дали „сериозно би размислил“ за кандидатурата за претседател во 2028 година, 58-годишниот Њусом за телевизијата Си-Би-Ес изјави – „Во спротивно би лажел. Само би лажел, а тоа не можам да го правам“.

Во коментарите, дадени во четврток и емитувани вчера, Њусом го нарече Трамп „инвазивен вид“ за САД и светот, додавајќи „тој е топка за уништување“, пренесе германската агенција.

Њусом го напаѓа Трамп со месеци, и со спротивставување на постапките на републиканскиот претседател со тужби и закони и со исмевање на неговиот стил на социјалните медиуми.

Демократот поднесе тужба за да ја поврати контролата од Трамп врз Националната гарда на Калифорнија, усвои пакет закони како „одговор на федералното претерување“ и ја предводи акција за прераспределба во Калифорнија за да се спротивстави на сличните напори на републиканците на други места во земјата.

Неговиот тим, исто така, го имитира користењето на слики генерирани од вештачка интелигенција, стилот на пишување со големи букви и потписот „ВИ БЛАГОДАРИМЕ ЗА ВНИМАНИЕТО ЗА ОВА ПРАШАЊЕ“ што е сеприсутен во објавите на Трамп на социјалните мрежи, потсетува ДПА.

Следните претседателски избори во САД се закажани за 2028 година.

Трамп (79) не ја исклучи целосно сопствената кандидатура, бидејќи тој и неговиот круг честопати алудираат на можноста за трет мандат. Меѓутоа, според 22-от амандман на Уставот на САД, никој не може да биде избран за претседател повеќе од двапати.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови