Tрамп жесток откако стана трет отповикан претседател: Ова е самоубиствен марш за демократите

9

Американскиот претседател, Доналд Трамп ја нарече одлуката на Претставничкиот дом на Конгресот кој изгласа негов импичмент „самоубиствен марш“ за демократската партија, во говорот што траеше два часа на митинг во Мичиген.

„Лудите демократи на Ненси Пелоси се обележаа со вечен жиг на срамот“, рече Трамп на собирот во Мичиген, каде застана на сцената само неколку минути пред да стане третиот претседател во 243-годишната историја на САД, кој ќе соочи со судење во Сенатот и потенцијално разрешување, пренесува „Ројтерс“.

Трамп на „Твитер“ вчера напиша 45 објави во текот на утрото пред да се одржи гласањето за негово отповикување.

Иако Белата куќа инсистираше на тоа дека претседателот ќе биде презафатен за да се фокусира на она што се случува на Конгресот, Трамп го мина целото попладне коментирајќи го процесот за импичмент преку твитови и ретвитови, пренесе АП.

„Може ли да поверувате дека денес сум на тапет кај радикалната левица, демократите кои не работат ништо, а јас немам направено ништо лошо“, напиша Трамп во еден од твитовите, барајќи од неговите поддржувачи да се помолат.

Како членовите на Претставничкиот дом навлегуваа подлабоко во дебатата за импичмент, интензитетот на реакции на Трамп се зголемуваше, па тој почна да пишува со големи букви.

Долниот дом на Конгресот, каде демократите се мнозинство, изгласа импичмент за Трамп по партиска линија.

За првата точка – злоупотреба на службената должност – гласаа 230 членови на Претставничкиот дом, додека против беа 197. Втората точка – опструирање на Конгресот – беше усвоена со 229 гласови, додека 198 беа против.

Сепак, предлогот за отповикување на Трамп не значи негово инстантно разрешување. Овој процес само го отвора патот за судење во Сенатот следниот месец, кој го има последниот збор за тоа дали Трамп ќе биде сменет од должноста.

„Ројтерс“ забележува дека Сенатот е понаклонет кон Трамп отколку Претставничкиот дом, бидејќи во него мнозинство имаат републиканците.

Импичментот за претседателот Доналд Трамп е трета ваква одлука во историјата на САД. Пред Трамп, одговорност била побарана од Ендрју Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1999, но и двајцата подоцна беа ослободени во Сенатот.

Во 1974 година, Ричард Никсон беше пред гласање за импичмент што сигурно ќе беше усвоено, но тој го избегна поднесувајќи си оставка.