Актерката Силвија Стојановска не се чувствува виновна за помагање на шверц на 700 кг. kокаин

56

Актерката Силвија Стојановска која е второбвинета во случајот Колибри и првообвинетиот Воислав Будисављевиќ се изјаснија дека не се виновни по обвинението за помагање и учество во шверц на околу 700 килограми кокаин од Јужна Америка во Шпанија.

Обвинителството тврди дека Будисављевиќ му помагал на својот брат Владимир и му вадел карти и наоѓал транспорт за прекуокенаскиот пат на кокаинот кон Шпанија. Владимир Будисављевиќ и двајца шпански државјани Гиљермо Кастро и Мигел Кареро се обвинети за шверцот во Шпанија каде се упасени со пратката во близина на Мадрид.

Браќата Будисављевиќ контактирале преку Енкрочат апликации на посебни телефонски уреди со кои се шифрирале и криеле пораките, а имале можност и за откривање на полициско следење на комуникациите на тие телефони, тврдеше обвинителството.

За актерката Стојановска, обвинителството тврди дека уплаќала пари и купувала авионски карти, како и изнајмувала апартман во Мадрид. Обвинителката Маја Конеска во воведниот збор наведе дека Стојановска била во Мадрид каде од за неа непознато лице зела 10 илјади евра. Актерката според обвинителството со непознатиот Шпанец се препознале преку шифрирани пораки и информации познати на двајцата.

Одбраната ја отфрли теоријата на случајот презентирана од обвинителството. Адвокатот на Стојановска, Димитар Савовски го нарече обвинението-„прикаска“ и тврдеше дека нема никакви докази со време, место и начин, за потврда дека обвинетите учествувале во шверц на дрога.

Адвокатот на Будисављевиќ, Александар Варела ја нарече теоријата на случајот на обвинителство, теорија на лавиринт во која дејствија се претставуваат како факти.

Во случајот Колибри има и прикриен сведок, кој знаел за организацијата на транспортот на кокаинот, но прво требало да биде обичен сведок, по што како што рече адвокатот Савовски се уплашил и се пријавил за прикриен сведок на обвинителството за сопствена заштита.

Случајот беше разрешен со соработка на македонската и шпанската полиција лани во декември. Кокаинот беше откриен во Шпанија каде беа уапсени Владимир Будисављевиќ и двајца Шпанци. Оттогаш актерката Силвија Стојановска е во домашен притвор, а Воислав Будисављевиќ во притвор во Шутка.

Името на акцијата е Колибри по најмалата птица во светот чие живеалиште е Јужна Америка, од каде тргнал кокаинот.

Стојановска е позната актерка од уметничко семејство, на судењето присуствуваше и нејзината ќерка Ана која исто така е актерка.

Силвија Стојановска е вработена во Драмскиот театар, а на телевизиските гледачи им е позната по улогите во македонските серии „Фамилија Марковски“, „Инасјдер“ но и многу други филмски, театарски и телевизиски улоги.