МАКЕДОНЦИ СПЛОТЕТЕ СЕ ИЛИ…НА АРНО НЕКА Е!

2,563

Историјата ти е повторно пред нос! Повторно во твои раце. А ти си повторно разединет. Повторно некој е предавник, некој патриот, некој војвода, а некој молчи и гледа сеир. Повторно нема ниту еден грам апсолутно единство по некое прашање, а најмалку го има елементот што го спомнавме кај останатитте народи кои внатре си вадат очи, ама кога некој ке им го дирне светото, единствени и цврсти се како камен. До кога?

 Од Агим ЈОНУЗ

Еден пријател Германец, седејки така на Александар Плац во Берлин ми вика, а бе тоа што Тито им го потпиша на македонците сега им прави проблем на европејците. Јас му викам, ‘‘зарем на Бугарите‘‘, за кои до вчера бевме ‘‘ Америка‘‘. Тој мртов ладен ми вели па и Бугарите се Европа. Од куртоазија си заќутав, и се насмејав онака во стилот ‘‘ дал да плачам или да се смејам‘‘, па ја сменив темата. Така беше најпаметно за да не го отерам у на мајка му назад. Се обидов да изглумам лудило, ама не можеш кога знаеш дека ни европјаните не се глупави, од една страна секако си ги почитуваат и штитат европските вредности што подразбира и Бугарија како членка, и од друга страна си викам ‘‘ убаво ни прават кога гледаат дека сме тешки не сплотени ајвани‘‘! Кој е тука крив? Кој! Па сме дозволиле самите да ни го прават ова што ни го прават. Никаде и пред никого не покажавме како нација дека сме за почит. Единствени, во заштита на она што ни е идентитет. Некој ке рече ‘‘ па што ти како Албанец се буниш‘‘! Па како да не се бунам бе ајван ајвански! Јас со тебе живеам, дишам ист воздух и пијам иста вода! Имам исто секојдневие и живот!Без разлика што по митинзи викаат ‘‘ смрт за шиптарите‘‘, а држат митинг против бугарите. Нема везе, навикнати сме ние.  И така, откога се разделивме со тој германецот, седнав и првата мисла ми беше да седнам и да напишам нешто со директно обраќање кон моите сонародници Македонци, па љутеле тие или не! Да не ми се блиски, тачно ке ми беше сеедно, ке си гледав сеир и ке се смешкав. Ме боли! Ме боли затоа што пред очи некој ми исчезнува. А, дали исчезнува! Да! Дефинитивно!

Драги мои сонародници Македонци! Прво ви беа турците, па грците, па србите, па сеа бугарите, а во меѓувреме цело време ви се дежурни албанците. Ма нека цркнат они само на вас нека ви е убаво, де!  Како тоа се некој друг да ви биде виновен! Така! Лесно! Сте оставиле и сеуште оставате простор за тоа. Полни шеесет години сум сведок на синтагмата ‘‘ клетите шиуни‘‘, а капак на се некакви ропства, некакви задкулисни игри во моменти кога треба да се крене глава високо и да не се дозволи валкање на образот. Образот е светост. Образот еднаш се валка и не се мие. Македонскиот народ низ историјата секогаш имал некој кој одлучувал спротивно на интересите на рајата. Или барем, ‘‘ не ја фермал‘‘. Најмногу за лични интереси, што политички, што материјални. На што се должи тоа, ако не на апсолутно неединство, национална некоординираност и поделеност по сите основи. Кој сакаш да се плаши од тебе! Бугаринот?Па тој да се плашел у друг филм ке играше. Жалосно е да се гледа еден народ кој наместо како никогаш во историјата да биде единствен, се разединува до најситните елементи на своето постоење. Како да те бранам кога сам не се браниш? Кога брат на брата му вели ‘‘ ти си предавник‘‘. Само кај тебе го има тоа, ниту кај албанците, ни кај србите ни кај останатите. Србите се испоколеа меѓу себе, ама ако им го дирнеш српството сите ке ти извадат очи. Соочи се со вистината дека единствениот спас е на брата си да му пружиш рака, да го прегрнеш и да си речете двојцата ‘‘ не се даваме‘‘. Дај да се договориме и да не му дадеме на никого да не понижува, да не негира и омаловажува. Ама не ти е пишано тоа зашто немаш таква историја, немаш таков ген. АЈ на страна тоа, ама не значи дека не можеш да градиш и да пишуваш нова историја. Таа се создава! Таа се менува,.. таа еволуира. Македонија како никогаш до сега во историјата минува низ фаза во која се втемелува инднината. Што направивте во минатото во кое исто така историските моменти требале да се овековечат со успех? И тогаш, како и сега, оставштината е сублимирана во еден збор, а тоа е зборот ‘‘ бевме предадени‘‘! Од кого бе!! Од самите себе си!? Тогаш барем немало ‘‘Шиптари‘‘! Па ако тогаш како и денес си бил несплотен, денеска бугарите немаше да можат да зуцнат. Немаше да имаат аргументи. Во спорот со бугарите денеска воопшто не го плаќаш данокот на ‘‘Шиптарите‘‘, напротив, тие од авион видливо се конструктивци какви што само можете да посакате во градењето на актуелниот историски момент. Во кого е проблемот! Во вас и во никој на светов. Кога велам во вас, воопшто не мислам на култура,религија, народ и цивилизациски оставштини. Мислам на ‘‘мозакот‘‘ и менталитетот кој очигледно сериозно историолошки секогаш самиот на себе си си пукал во нога. Не знам колку е реална таа вистина, но во историските архиви во Истанбул, стои дека со младотурската револуција, на македонсите им е нудена автономија како држава во рамките на османлиската империја со главен град Солун. И тоа токму во рамките на географската карта на која стои ‘‘ има уште два – три дела за да биде цела‘‘! Фактите велат дека не слогата, не единството и ‘‘секој сам свој фраер‘‘ се причините зошто тоа не се остварило. Фактите одат до таму дека турците биле спремни дури и да школуваат дипломатски кадар во Париз за потребите на таа Македонија. Но, некој на Ататурк во тоа време му рекол ‘‘ дечко иди шетај бе‘‘, ние сме си доволни самни на себе и ние сами ке си правиме и држава и мржава. Од денешна временска дистанца, можете да замислите како ке изгледаше денес Македонија, ако имаше свое стратешко пристаниште како што е Солун, еден Александропулос, а да не зборуваме воопшто како ке изгледаше летно време кога воопшто немаше да размислуваме дали да одиме во оној пуст Охрид, или на Халкидики да ладиме ‘‘онакво‘‘. Од главата си патиш македонски народе. Од главата и ништо друго. Мој си. Мој! Затоа те критикувам. Не затоа што те мразам, туку затоа што сакам да те видам здрав, исправен пред себе си, историјата и современиот момент на овој пусти дваесет и први век.

Историјата ти е повторно пред нос! Повторно во твои раце. А ти си повторно разединет. Повторно некој е предавник, некој патриот, некој војвода, а некој молчи и гледа сеир. Повторно нема ниту еден грам апсолутно единство по некое прашање, а најмалку го има елементот што го спомнавме кај останатитте народи кои внатре си вадат очи, ама кога некој ке им го дирне светото, единствени и цврсти се како камен. До кога? Сите ние сме едно исто. Сите сме на некој свој начин ‘‘ Македонци‘‘! Тоа што министер за надворешни работи е случајно етнички Албанец, во моментов ништо не го прави да биде помал Македонец. Но! Тука зборуваме за етничка припадност, зборуваме за носител на државност, зборуваме за носител на име! И тука ке рипне некој ке рече ‘‘ не сме северни‘‘! Да! Северни сте! Сите ние сме северни, ама тоа значи дека има и јужни, и источни, и западни,.. секакви! Тоа само значи дека Македонија е многу поголема од ова што ја нарекуваат ‘‘Северна‘‘! И наместо да го искористиш тој факт, ти рипаш ‘‘ како прле пред магаре‘‘ и не ја свртуваш приказната во своја корист. Еден ден идните генерации кои се писмени, начитани, прошетани, ке го отворат повторно прашањето за македонците и македонштината. Растеш ли генерации кои гледат и следат добар пример!? Или држиш во рацете издишана топка која секој и секогаш ке може да си ја шутира како сака!? Немој! Сплоти се! Јас сум Албанец! Горд сум со тоа! Ама сум ништо помалку од тебе Македонец. Сонцето над Скопје кога изгрева со истите зраци ме грее и мене и тебе. Од чешма пиеме иста вода. Ако е тебе отров- и мене отров. Деновиве се крои судбината на современа Македонија, со се она што се случува на патот кон Европа. Иднината ке ја кркаме заедно. Тоа што бугарите тресат зелени краставици и тоа што пред здрави очи те прават будала е наш – заеднички проблем. На сите етнички заедници во Македонија. Кроиме заедничка судбина. Ама, темата е ‘‘Македонец, македонско прашање, македонска историја и култура‘‘! Проклето нека е, еднашка покажи своја внатрешна сплотеност. Заедништво. Па и да цркнеме заедно, нека цркнеме, ама барем знам дека заслужуваш почит, заслужуваш да не жали човек и да цркне со тебе и покрај тебе.

Македонски народе, ова е јавен запис! Колумна! Јас не ти се подсмевам! Ова не е подсмев! Ова е очај!! Покажи му го своето ‘‘Но Пасаран‘‘ на минатото кога клучно било дали си единствен по едно прашање или не си. Сплоти се! Аман! Јас намерно велам ‘‘србите‘‘ се единствени по ‘‘српството‘‘ за да ти дадам пример, зошто ако ги речам албанците, погрешно ке ме разбереш. Тебе ‘‘Шиптарите‘‘ не ти сметаат за друго туку токму затоа што кога е во прашање нешто што ги задира нив, дали биле крвно завадени, дали биле во војна меѓу себе, дали ова дали она,… ама оставаат се на страна и стануваат – камен! Ај да немаш примери, па да не гледаш. Започнале преговорите со Европа или не, нема ништо да промени по прашањето со бугарите. Тие вечно ке тврдат дека сме бугари! Ама, ајде, еве, заедно, и вие, и ние ( албанците, де) и сите останати во државичево еднаш сплотено да му ставиме еден историски печат на заеедништвото и да ја речеме онаа историска ‘‘ не се грчам, не се турчам, ама па бугар – никад не станувам‘‘!  Ако грешам, нека изгорам,.. Господ има, ако имав лоша намера со колумнава, нека ме казни господ. Јас имам свое име, Агим, неменливо е. Во преведена смисла значи ‘‘мугра‘‘. Рана зора. Наречи го, Зоран! Е па, Зоране, ако јас како Агим, не давам некој да те нарекува Аспарух, наместо Зоран, немој! Немој! Не ме разочарувај! Мој си!

ООО ЏЕМААТ! За тебе само ‘‘див зајак со питоми уши‘‘! Толку! СИКТЕР ДОМА!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)