Албанците конечно можат да здивнат, тлото почна да се смирува

8

Тлото на Албанија, четири дена по разорниот земјотрес по кој следеа 1.000 средно силни и послаби земјотреси, конечно почна да се смирува.

Сеизмологот Едмонд Нуши од албанскиот Институт за геологија вели дека последоватолните потреси се сѐ послаби и послаби.

Според него, целосната сеизмичка активност оди кон смирување.

Во разорниот земјотрес кој погоди делови од Албанија во вторникот настрадаа 49 лица, додека повеќе од 750 се повредени.

Премиерот на Албанија Еди Рама најави дека денес домашни и странски експерти ќе почнат да работат на проценка на штетата.

Тој, на вонредна седница на владата, кажа и дека до сега од донации за санација на последиците на земјотресот и помош на загрозените се донирани пет милиони евра и над милион долари, но дека тоа не е конечниот износ.

Рама најави дека шаторите поставени во Туман и Лача ќе бидат тргнати, а дека семејствата ќе бидат сместени во хотели.

Меѓутоа, жителите на селата не сакаат да одат во хотели, бидејќи сакаат да останат во шаторите за да водат грижа за своите стада, кажа Рама.

Тој потврди дека официјално до сега настрале 49 лица, меѓу кои има деца. Потрагата по преживеаните вчера сопре во Туман, а потоа и во Драч.

„Во округот Драч се сместени 1.260 лица, од кои 625 во хотели и 360 во школски сали. Останатите се во шатори или кај роднини. Во Туман околу 500 луѓе се сместени во шатори и тие денес ќе бидат сместени во хотели“, кажа Рама.

Според него, во округот Тирана 3.480 лица останаа без покрив над глава. Во ДРач се регистрирани 701 оштетен објект, од кои 12 се целосно уништени, а 176 оштетени.

Во Тирана 15 објекти се целосно уништени, 239 се оштетени, а осум згради не се за употреба. Владата дополнително прогласи вонредна состојба во градот Лач, кој, како што беше утврдено, исто така е тешко оштетен од земјотресот на 26 ноември.