Американскиот сенатор Велч: Слободните и фер избори се суштински темел на силна демократија

2

Слободните и фер избори се суштински темел на силна демократија, оцени демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч за претседателските избори во Северна Македонија, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

– Се надевам дека граѓаните го користат својот глас за да ја обезбедат иднината на Северна Македонија преку зголемени економски можности и зајакнати врски со САД и Европа, напиша сенаторот Велч на социјалната мрежа Х.

Минатиот месец, демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, заедно со демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин, и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис, спонзорираа најнова резолуција во Сенатот, со која САД го поддржаа пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).

Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови.