Анкетата на ИРИ: Зголемување на руското и кинеското влијание во Македонија    

8

Зголемување на кинеското и руското влијание, недостаток на транспарентност во политичките партии и поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“ покажа новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија.

Во однос на надворешната политика, 64 отсто од граѓаните на Северна Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси, а 60 проценти истото го мислат за Русија. Ова е зголемување од единаесет проценти за Кина и шест проценти за Русија во однос на анкетата спроведена во февруари 2020 година. Новообјавената анкета покажува и силна поддршка за Европската унија (ЕУ) и САД. Високи 85% се согласуваат дека силните односи со ЕУ најдобро им служат на интересите на Северна Македонија, а 76% го делат истото мислење за САД.

„Додека Северна Македонија се труди да постигне демократски напредок, загрижува фактот што Кина и Русија продолжуваат со постојаните упади“, рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.

Но, како што вели, за среќа, поддршката за блиски партнерства со ЕУ и Соединетите Американски Држави останува многу силна.

На прашањето за политичките партии, само 21 отсто од граѓаните на Македонија веруваат дека тие се транспарентни во работењето со парите добиени од државниот буџет, додека 48% не биле запознаени со износот на државниот буџет кој што годишно се издвојува за финансирање на политичките партии.

Според Мекарти, за една демократија да биде успешна, апсолутно суштинско е политичките партии да изградат доверба, а оваа анкета покажува дека транспарентноста во политичките партии во иднина треба да биде приоритет.

Од анкетираните 75% ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, серија договори во кои се вклучени Албанија, Северна Македонија и Србија за да помогнат во олеснувањето на трговијата, бизнисот и движењето на граѓаните меѓу земјите.

Истражувањето беше спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ од Брима, фирма за истражување на пазарот во периодот од 27 ноември до 23 декември 2021, преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Анкетирани се 1.226 испитаници на возраст од 18 години и повеќе.