Апасиев до членството за „Еуростандард банка“: Не паѓајте со духот, парите се битни, но не се најбитни

31

„Не паѓајте со духот! Парите се битни, но не се најбитни. Лавината наречена Левица веќе е невозможно да биде запрена. Семето на отпорот е посеано на плодна почва и на здрава основа. Раководството е консолидирано и има план за акција“, порача лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев до членството, симпатизери и сограѓаните во својата објава на Фејсбук, во врска со блокирана сума пари коишто партијата ги имала во пропаднатата „Еуростандард банка“.

„Гледам восклик од ситечка злорадост кај нашите политички непријатели, за блокираната голема сума ПАРИ на Левица во пропаднатата ‘Еуростандард банка’. И не им фаќам за зло. Тоа се таков калибар ситнобуржујски луѓе кои мислат дека парите се сè во животот. И затоа имам огромна жал за нив.

А ние…Ние сме учени без пари. Онака, баш герилски и партизански. Во тоа, всушност, лежи нашата сила!
Уште пред повеќе од една деценија почнавме буквално од нула да градиме автентично политичко движење, кое сега расцутува како чиста совест на нацијата. Нас никогаш не ни е страв пак од нула да почнеме! Во тоа е нашата величина. Оти сме троскот. Не можете нас да нè искорнете! Во тоа е нашата незгодност. Ние сме тие лоши, црни, малечки гадови! Проклет да бидам, таква ни е ѕвездата. Кај и да одиме, се бориме со милион интриги. Нè ловат како некои ѕвериња. Ама па и ние, проклет да бидам, и ние не се даваме! Чуден некој сој сме“, порача Апасиев.

„Еве, во канцеларијата на Президиумот, уште си ја чуваме прочуената тегла за донации на ‘Ленка’. Како наша реликвија, за која нè врзуваат убави спомени од младоста. Да нè потсеќа секогаш на нашите почетоци, кога во Градскиот парк на секој состанок собиравме активистички прилози за потребните реквизити. Никогаш не ја фрливме, оти не знаеш животот што носи.

Затоа, до сите наши стари и нови членови, симпатизери и сограѓани – имам само една порака: Не паѓајте со духот! Парите се битни, но не се најбитни. Лавината наречена Левица веќе е невозможно да биде запрена. Семето на отпорот е посеано на плодна почва и на здрава основа. Раководството е консолидирано и има план за акција. Веќе во март-април следната година, врз основа на одличниот изборен резултат, ќе добиеме рекордна сума која ни следува од државното финансирање. А дотогаш? Дотогаш ќе водиме правна битка за поврат на заробените средства и легислативна битка за радикална реформа на лихво-банкарскиот сектор. И ќе издржиме! Солидарно, здружно и машко-женски“, додава Апасиев.