“Арачиновските пилоти” го натераа СДСМ да ја кара ТВ21

182

Емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 за проблемите кои ги имаат жителите на скопско Арачиново и за нереализираните ветувања го вознемири владеачкиот СДСМ и предизвика преписка помеѓу партијата и телевизијата . Проблем за владеачката партија предизвика изјавата на жител кој рече дека СДСМ не го исполнил ветувањето да вработи 300 пилоти од Арачиново.

Во СДСМ ова предизвика сомнеж во мотивите на телевизијата „лице со сомнителна поздина и кредибилитет да изнесува „класична лажна вест“. Телевизијата возврати дека ваквата класификација од СДСМ за нив е навредлива и неетичка. Од ТВ21 порачаа дека и натаму преку своите емисии, ќе продолжат да ги слуша проблемите на граѓаните на кои политичките партии, а не медиумите им ветиле подобар живот.

Сѐ почна со изјавата на жителот Шабан Билали дека власта им ветила дека ќе бидат вработени 300 пилоти од Арачиново, посочувајќи го тоа како една од најголемите лаги што им била ветена. Тие велат дека никој ништо не направил за младите во селото, па сами морале да одат по Амбасадите да бараат визи да се иселат од земјава. На ова реагираше СДСМ дека станува збор за лажна вест.

– СДСМ најостро ги демантира лагите изнесени во телевизиската емисија „Клик плус“ на ТВ21, дека наводно на жители на Арачиново им било ветувано дека ќе бидат вработени дури 300 пилоти. Тоа не е точно.

Станува збор за класични лажни вести изнесени од страна на извесен Шаби Билали, лице со сомнителен кредибилитет. Лицето кое го изнесува ова лажно тврдење е син на поранешен кандидат за градоначалник на Арачиново кој во Грција бил уапсен за нелегален транспорт на мигранти, а бил фатен и со наркотици. Дополнително, за време на кампањата за претседателските избори Билали сакал да отвори изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Арачиново иако таа партија таму нема никаква база, што дава и оправдан сомнеж за политичка заднина на изнесените невистини.

Зачудува потребата на ТВ 21 да остава медиумски простор на личности со сомнителна позадина и сомнителен кредибилитет, кои шират лаги за наводни вработувања на 300 пилоти, иако се знае дека потребата од пилоти во државата е далеку помала, без притоа да побара став од СДСМ. Апелираме до медиумите да ги проверуваат изнесените информации и на тој начин да дадат придонес во бробата против лажните вести, пишува во демантот од СДСМ. Но приказната не запира тука. За арачиновските пилоти се огласи и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири. Тој на Фејсбук напиша: – Да веруваш дека некој им ветил на Арачиновци дека ќе се вработат 300 пилоти, е исто како да веруваш дека Мицкоски некогаш ќе стане премиер.

ТВ21 со реакција на демантот на СДСМ:

ТВ21 ќе продолжи да известува за проблемите на граѓаните

Нашата емисија „Click Plus Одаја“, вчера во живо од Арачиново ги пренесуваше маките на тамошните жители и изборните верувања кои не се реализирани. Како, вода за пиење, канализација, градинка, превоз за учениците, средно училиште, лекарски услуги 24/7, простор за младите, парк, шеталиште, фудбалски стадион..

Еден од жителите на Арачиново вчера раскажа дека едно од лажните изборни ветувања е и вработувањето на „300 пилоти“ доколку гласаат за одредена партија. Концептот на “КЛИКПЛУС ОДАЈА во Арачиново беше ист како на минатите емисии, при што жителите сами раскажуваат за нереализираните ветувања од политичарите, со години и децении.

Исто беше и во Идризово и Визбегово, каде жителите ја поканија ТВ21 за да ги раскажат нивните маки. „Click Plus одаја“ е отворена за сите граѓани кои сакаат на ТВ21 да ги раскажат нивните проблеми и им овозможува на дискриминираните граѓани јавно да зборуваат. ТВ21 исто така ги пренесе и маките на жителите од Арачиново.

ТВ21 не ги поседува ресурсите кои ги има СДСМ за да го верификува идентитетот на одредена личност и неговите податоци во реално време, во живо, надвор од своите телевизиски студија, во општина каде е гостин. Концептот на „Одајата“ можеби изгледа туѓ, но има правила и за домаќинот, но и за гостите.

Затоа, реакцијата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за преносот на тоа што го нарекува лажна вест “од страна на лице со сомнителен кредибилитет, оти лаже дека на жителите им е ветено вработување на 300 пилоти“ ТВ21 го смета за навредливо и не етичко. ТВ21 преку своите емисии, ќе продолжи и понатаму да ги слуша проблемите на граѓаните на кои политичките партии им ветиле подобар живот, а не медиумите. (plusinfo.mk)