Ахмети втор ден на распит пред хашките обвинители во Приштина

9

Сведочењето на лидерот на ДУИ, според најавите, треба да заврши денеска, откако тој и вчера, повеќе од осум часа, даваше исказ за основањето и дејствувањето на ОВК
Во просториите на ЕУЛЕКС во Приштина, се очекува да продолжи денеска распитот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кого обвинителите на пецијалното обвинителство за Косово го повикаа да даде исказ, како еден од основачите на ОВК.

Распитот на Ахмети, според најавите, треба да заврши денеска, откако тој и вчера, повеќе од осум часа, даваше исказ пред хашките обвинители.

По повеќе од 8 часа заврши распитот на Ахмети во Приштина

Според косовските и други медиуми на албански јазик, тој е повикан на распит во својство на сведок, како еден од членовите ОВК уште од нејзиното основање и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година.

Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот чие седиште е во Хаг, а кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна во јануари минатата година, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.

Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Меѓу последните обвинети се и двајца од основачите и водачите на ОВК, претседателот на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели.