Бајден победи и во Џорџија, Трамп бара спас во Изборниот колеџ

29

Џорџија и по повторното броење гласови ја потврди победата на Џо Бајден на изборите, додека три сојузни држави ги отфрлија тужбите поднесени од адвокатскиот тим на Доналд Трамп.

Според тамошната изборна комисија, Бајден освои 12.284 гласови повеќе од актуелниот претседател, а на национално ниво, неговата предност сега изнесува 5,9 милиони гласови. Бајден досега има освоено 306 електорски гласови, а Трамп 232.

„Трамп знаеше дека нема да победи и покажа неверојатна неодговорност со тоа што не го призна поразот. Тој испраќа крајно штетни пораки во остатокот од светот за тоа како функционира демократија и ќе остане запаметен како еден од најнеодговорните претседатели во историјата на САД. Тешко е да се сфати како размислува тој човек и срамота е тоа што го прави“, кажа Бајден, кој денеска полни 78 години и ќе биде најстариот претседател на САД досега.

Место да признае пораз, Трамп продолжува неосновано да обвинува за изборна кражба и измама. Во меѓувреме, судовите во Џорџија, Аризона и Пенсилванија ги отфрлија тужбите што ги поднесоа неговите соработници, додека последната тужба во Мичиген тие сами ја повлекоа.