Битиќи – Казуја: Има голем потенцијал за унапредување на економската соработка

5

 

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска оствари средба со амбасадорот на Јапонија, Оцука Казуја. На средбата беше нагласено дека билатералните односи помеѓу двете земји се на завидно ниво, како и дека постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка.

Амбасадорот Казуја се согласи дека со влезот на земјата во НАТО и почнувањето на преговорите со Европската Унија, нашата земја е стабилен и сигурен партнер за инвеститорите, притоа изразувајќи поддршка за нашиот евроинтегративен процес.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека економските политики на Владата се насочени кон привлекување нови инвестиции на високо технолошко развиени компании, како што несомнено има и во Јапонија, но и  дека целта на Владата е да се подигне конкурентноста на земјата и Западен Балкан преку вклучување на компаниите во глобалните синџири на производствените компании. Битиќи воедно упати благодарност до јапонскиот амбасадор за поддршката што ја дава неговата земја за развој на Северна Македонија и за тоа што Јапонија е еден од најголемите билатерални донатори за реализација на конкретни програми и проекти со средства од јапонскиот народ кои се спроведуваат преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (JIKA).

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Казуја, се согласија дека во периодот кој следи ќе се посветат на реализација на заеднички економски проекти, со цел продлабочување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји.

Казуја изрази задоволство што нашата земја веќе го има потврдено своето учество на „Осака Експо“ 2025 година чија тема ќе биде „Креирање идно општество за нашите животи“.